X
 14.10.2019 Наука

Може ли медицината без пластика?

За разлика од одбивањето пластична сламка во ресторан, тешко е човек да се спротивстави на пластиката додека е врзан на масата за оперирање. Пластиката за еднократна употреба се соочува со повеќе критики од кога и да е и медицинската индустрија може да е областа каде што индивидуалните консументи имаат најмал збор.

Непрофитната организација „Практис гринхелт“, која работи на тоа да ги направи болниците поодржливи, проценува дека 25 отсто од отпадот генериран од болниците е пластика. Студија за една хистеректомија утврдила дека процедурата може да создаде до 9 килограми отпад, од кој поголемиот дел е пластика.

Пластиката за еднократна употреба може да биде привлечна опција за болниците - евтина, издржлива и лесно може да се исфрли - и секој нов пластичен контејнер или покривка нуди нова стерилизирана околина. Затоа медицинските лица се покриваат себеси и сè што користат со пластика.

Сепак, покрај сите начини на кои пластиката направи револуција во медицинската индустрија во текот на изминатиот век, сега е критикувана за она што се случува откако ќе се заврши работата. Пластиката лесно може да заврши во морињата, каде што се распаѓа на мали делчиња наречени микропластика, чии последици врз здравјето сè уште не се утврдени. И фосилните горива што се потребни за производство на таа пластика може да ги загадат воздухот и водата.

Дополнително, неограничената употреба на пластиката е во спротивност со ветувањето на лекарот дека нема да нанесе штета. Но, во просториите преплавени со крв и патогени, дали избегнувањето на пластиката воопшто е можно?

Свежа, чиста пластика

- Пластиката за биомедицинска употреба има многу сакани својства, вклучително и ниска цена, леснотија за процесирање и можност за лесна стерилизација - истакна Бриџет Бадхлал, инженер на Универзитетот во Лоуел, Масачусетс.

Таа забележува дека пластиката може дури и да биде модифицирана со облоги кои може да ја направат особено резистентна на микроби.

Во брошура објавена од страна на Американскиот хемиски совет се вели: „Пластиката за една употреба е најчистиот и најефикасен начин за олеснување на одржувањето на здравјето и хигиената во болниците“.

Но, оние што сакаат да ги направат болниците поодржливи велат дека пластиката е премногу користена.

Во испитување на 332 болници, кое сè уште не е објавено, „Практис гринхелт“ се осврнува кон честите пластични работи за еднократна употреба во операционите сали, кои успешно биле заменети со предмети што може да се користат повеќе пати. Алатките како хируршки чинии и прекривки за стерилизација може да се користат одново и ќе го намалат отпадот за неколку тони годишно. Во зависност од тоа каде ќе скратат, болниците исто така можат да заштедат илјадници долари на годишно ниво.

Рециклирачки кошмар

- Функционираше накратко кога Кина го земаше - вели Џанет Ховард од „Практис гринхелт“ за медицинскиот пластичен отпад.

Но, сега таа вели дека сè оди наназад.

Минатата година Кина најави дека веќе нема да откупува две третини од светскиот отпад. Тоа не им остава друг избор на капацитетите освен да го фрлат нивниот измешан пластичен отпад во депонија или во печка за палење отпад. ПВЦ-то што завршува во печките може да испушта токсични хемикалии.

- Сè уште има различни видови пластики што би можеле да бидат средени, а кои не се средуваат поради голем број причини. Има предмети што се користат за нега на пациенти, а  не доаѓаат во допир со пациентите, па тие не се опасни и може да се рециклираат - вели Ким Холмс од Асоцијацијата на пластичната индустрија.

Во врска со болниците што се обидуваат да ја сортираат пластиката за рециклирање, Холмс вели дека произведувањето доволно материјал за да се биде привлечен за рециклирач е предизвик за секоја болница и поефикасно е кога отпадот е собран од повеќе локации.

Фото: Pixabay

Факторот на гадење

Еден од најчестите пластични предмети што се фрлаат од операционите сали е сината покривка - парче полипропилен кое ги покрива стерилизираните алатки. Неговата еднократна употребливост го отстранува она што Ховард го нарекува фактор на гадење, но исто така зад себе остава мала планина од отпад.

- Тоа е исто како по поминат празник, кога имате куп хартија на подот. Така е со сината прекривка во операционите сали секој ден - вели таа.

Некои болници експериментираат со заменување на сината прекривка со контејнери за стерилизација кои може да се користат повеќе пати, а кои може да се исчистат исто како и инструментите што ги содржат.

Друг предмет во медицинските објекти е стерилизациската торбичка - мала торбичка која се користи за опремата да остане стерилизирана. Тие биле креирани од двајца стоматолози, Дејвид и Џејмс Стодард, кои сакале да се осигурат дека на нивните алатки нема патогени. Стоматолозите биле инспирирани од приказната на Кимберли Ен Бергалис, жена која починала во 1991 година откако станала една од шесте американски пациенти заразени со ХИВ кај стоматолог.

Истата грижа околу ширењето на ХИВ е она што Гери Коен, претседател на „Практис гринхелт“, го наведува како причина за голем напор за користење пластика за еднократна употреба во медицината. Тој објаснува дека тоа било еден од двигателите што помогнале за ширењето на направите за еднократна употреба во здравството. Коен смета дека тоа била претерана реакција. Истакнува и дека некои видови пластика можат да содржат токсични хемикалии.

Поглед во иднината

Еколошките организации проценуваат дека светската здравствена индустрија придонесува за нешто повеќе од 4 отсто од светските емисии, а голем дел од тоа е поради постојаното загревање и ладење. Тоа е исто ниво на емисии произведени од повеќе од пет електрани на јаглен на годишно ниво.

Додека многу болници имплементираат канцеларии за одржливост, тие нема да бидат без отпад бидејќи секогаш ќе има некаков вид опасна компонента што треба да се редуцира, вели Ховард. Таа вели дека за да бидат подобри еколошки домаќини, болниците и медицинските капацитети ќе треба да го намалат пластичниот отпад. За разлика од емисиите на јаглерод, пластичниот отпад е забележителен и е нешто што и пациентите и лекарите сакаат да го намалат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука