За станување од кревет наутро може да ни биде потребна дополнителна мотивација, дури и за најдисциплинираните од нас. Но, медицински експерти посочуваат дека неможноста да се разбудите по ѕвонењето на алармот може да биде знак дека нешто друго не е во ред.
Според неодамнешниот извештај од одделот за истражување на нарушувања на спиењето на Клиниката во Кливленд, ако почувствувате потреба да притиснете „снуз“ (snooze), време е да го посетите вашиот лекар.
Клиниката потенцира дека не е ист секој сон: како ќе заврши ноќниот сон е показател за целокупната благосостојба.
- Последниот дел од нашиот циклус на сон се состои од РЕМ-сон или спиење со соништа, што е ресторативна состојба на спиење. Така, ако притиснете снуз, тогаш го нарушувате тој РЕМ-сон.
Зошто е важно тоа?
Секоја ноќ минуваме низ два основни вида
спиење: РЕМ (Rapid Eye Movement) и не-РЕМ спиење. Националниот институт за невролошки нарушувања и мозочен удар го опишува не-РЕМ спиењето како движење низ три фази:
1 фаза: кога преминувате од будност во сон;
2 фаза: кога влегувате во лесен сон;
3 фаза: кога влегувате во најдлабокото ниво на сон што трае најдолг период;
Фото: Freepik
Минувате низ овие фази неколку пати во текот на ноќта, поминувајќи најмногу време во 2. фаза, но 3. фаза е таа што прави да бидете свежи наутро.
Од друга страна, РЕМ-фазата настапува по околу 90 минути откако ќе заспиете.
- Вашите очи се движат брзо од една на друга страна, зад затворените очни капаци. Вашето дишење станува побрзо и нередовно, а пулсот и крвниот притисок се зголемуваат речиси до ниво на будење. Поголемиот дел од вашето сонување се случува токму во РЕМ-фазата на спиење, иако може да сонувате и во не-РЕМ фазата. Мускулите на рацете и на нозете привремено стануваат парализирани, што ве спречува да ги реализирате вашите соништа - се наведува во истражувањето.
Тука доаѓа до проблемот со одложувањето на алармот - во текот на влегувањето и излегувањето од РЕМ-фазата на сонот. Со веќе зголемено ниво на будност, нарушувањето на овој сон со аларми во интервали од 10 минути може да предизвика зголемен крвен притисок и брзо отчукување на крвта, додека интервалот е прекраток да овозможи мирен сон.
Со текот на времето, недоволно мирниот сон може да придонесе за зголемување на телесната тежина, кардиоваскуларни болести, висок крвен притисок, ослабен имунолошки систем и дијабетес.
Фото: Freepik