X
 14.11.2019 Наука

Поради климатските промени, најразорните урагани се трипати почести отколку пред сто години

Најразорните урагани се трипати почести денес отколку пред сто години, велат научниците од Универзитетот во Копенхаген, кои заклучиле користејќи нов метод на пресметка.

Претходните обиди за изолирање на влијанието на климатските промени врз ураганите честопати давале спротивставени резултати. Но, едно ново истражување посочува дека зголемувањето на штетата предизвикана од толку големи циклони е поврзано со глобалното затоплување.

Ураганите или тропските циклони се сметаат за една од најпознатите погубни природни непогоди.

Штетата што во 2005 година ја направил ураганот „Катрина“ изнесува 125 милијарди долари, приближно еден процент од американскиот БДП.

Едно од најтешките прашања со кои се соочуваат научниците е како да се споредат ураганите од различни периоди. Дали материјалното зголемување на штетата забележано во минатиот век едноставно е последица на фактот што денес на областите погодени од урагани живее богато население?

uragani
Фото: ЕРА

Претходните истражувања покажале дека поголемата материјална штета е поврзана со подобрата имотна состојба на населението, а не со статистички значајни промени во зачестеноста на ураганите. Новите сознанија на научниците од Универзитетот во Копенхаген го доведуваат во прашање ваквиот став.

Наместо да се насочат на економската штета, авторите на извештајот ја евидентирале површината што во периодот помеѓу 1900 и 2018 година целосно била уништена од 240 невремиња, врз основа на базата на податоци на осигурителната компанија.

Како пример го зеле ураганот „Ирма“, кој во 2017 година ја погодил Флорида. Околу 1,1 милион луѓе живееле на 10.000 квадратни метри од епицентарот на невремето.

Со оглед на тоа дека богатството по глава на жител се проценува на 194.000 долари, научниците заклучиле дека вкупното богатство во регионот на 10.000 километри квадратни е 215 милијарди долари.

Штетата од невремето ја процениле на 50 милијарди долари, што претставува 23 отсто од вкупното богатство на регионот. Ако од 10.000 квадратни метри се одземат споменатите 23 отсто, тогаш уништената област опфаќа 2.300 квадратни километри.

Користејќи слични нумерички модели на подрачја, богатство и популација на некои региони во текот на последните сто години, научниците успеале да направат пореални споредби за штетите предизвикани по ураганот во една област во последните децении. Тие откриле дека зачестеноста на најстрашните урагани е зголемена за 330 отсто по век и тие веруваат дека тоа во најголем дел се должи на зголемувањето на температурите.

- Нашите податоци посочуваат дека штетата е поголема поради очигледните климатски промени, односно екстремното невреме и ураганите кои се резултат на глобалното затоплување - велат научниците.

- Новиот метод за следење на зачестеноста на ураганите е навистина добар - вели авторот на истражувањето, Аслак Гринстед од Универзитетот во Копенхаген.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука