X
 23.09.2021 Живот

Моментот кога цивилниот екипаж на „Фалкон 9“ ја виде Земјата од вселената

„Инспирација 4“, првиот вселенски лет со цивилен екипаж, пред неколку дена успешно полета и направи историски чекор за вселенскиот туризам.

По 20 часот по локално време во Кејп Канаверал, Флорида, полета ракетата „Фалкон 9“ носејќи ја капсулата „Кру драгон“. По 12 минути патување капсулата ја достигна границата каде што почнува вселената.

Дел од мисијата „Инспирација 4“ се четворица цивили: милијардерот Џаред Ајсакмен, Хејли Арцено, кој е дел од Детската истражувачка болница „Свети Јуда“, Крис Семброски, ветеран на Воздухопловните сили и инженер по аеровселена, и Сијан Проктор, едукаторка на колеџ во сојузната американска држава Аризона.

Во вторникот Сијан сподели видео на „Твитер“ од моментот кога тимот ја отвори куполата на „Кру драгон“ за патниците да ја видат Земјата одозгора. Видеото покажува дека тимот останува без зборови, додека во заднина свири песната „Also Sprach Zarathustra, Op. 30“, (песната од научнофантастичниот филм „2001:Вселенска одисеја“).

Снимката доловува еден од клучните моменти во историјата на „Спејс екс“. Ова беше трета мисија на екипажот на компанијата и прва што не ги испрати патниците на Меѓународната вселенска станица. За оваа мисија „Спејс екс“ го замени приклучокот за Меѓународната вселенска станица со стаклена купола за да им овозможи на цивилните патници прекрасен поглед кон планетата.

Тоа значи дека ова беше првпат некој да ја види Земјата низ новиот прозорец на „Спејс екс“. За цивилните патници, ова сигурно беше момент кога доживеаја „ефект на преглед“, што се однесува на патниците во вселената кога се совладани од чувство на страхопочит додека ја гледаат Земјата од далечина, како мала сина точка.

„Инспирација 4“ е доста важна мисија за вселенскиот туризам затоа што претставува првиот комерцијален лет составен целосно од цивилен екипаж и нема искусни астронаути, иако Ајсакмен има искуство како пилот на авиони.

Извор: Inverse.com
Фото: Screenshot/Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот