X
 20.01.2015 Култура

Новогодишната порака на Пауло Коељо

„А утре, кога ќе излезе сонцето, сè што треба да си кажеме е:


- Во оваа година ќе мислам како во првата година од својот живот. Ќе ги погледнам сите членови на семејството, изненадено и возбудено, среќен што се тука со мене и што во тишина го делиме она за што толку се зборува, а толку малку го разбираме - љубовта.

Ќе поминам покрај сиромав кој ќе побара пари. Можеби ќе му дадам, а можеби само ќе поминам покрај него мислејќи како ќе ги потрошам тие пари на пијалок. И додека поминувам, ќе ги слушнам неговите навреди и ќе знам дека, едноставно, тоа е начинот на кој тој комуницира со мене.

Ќе поминам покрај некој кој се обидува да уништи мост. Можеби ќе се обидам да го спречам, а можеби ќе сфатам дека тој го прави тоа бидејќи нема никој кој би го чекал на другата страна од мостот и дека ова е само начин да ја одбегне осаменоста.

Ќе гледам на сè и секого околу мене како да ги гледам првпат, особено оние мали работи на кои сум се навикнал, заборавајќи ја магијата која ги опкружува. Песокот во пустината, на пример, кој се поместува со енергија која не ја разбирам бидејќи не можам да го видам ветрот.

Наместо да ги забележам работите кои веројатно нема да ги заборавам, во тетратката која ја носам секогаш ќе запишам песна. Дури и никогаш да не сум напишал и дури и никогаш повеќе да не напишам, барем ќе знам дека еднаш сум имал доволно храброст за да ги преточам своите чувства во зборови.

Кога ќе стигнам до мало село кое толку добро го познавам, ќе влезам од другата страна. Ќе се насмевнувам, а селаните ќе велат дека мора да сум бесен бидејќи војната и уништувањето оставиле пустош. Меѓутоа, јас само ќе се смешкам бидејќи ми годи тоа што знам дека мислат дека сум бесен. Мојата насмевка е мој начин да кажам дека може да ми го уништат телото, но не и душата.

Вечер, пред да тргнам, ќе поминам малку време средувајќи ги работите за кои никогаш не сум имал доволно трпение. И ќе откријам дека таму има и мал дел од мојата историја. Сите писма, пораки, исечоци и рецепти ќе тргнат во свој живот и ќе може да ми раскажат необични приказни, за минатото и за иднината. За најразлични работи на светот, за сите патишта по кои сме минале, за сите влезови и излези од мојот живот.

Ќе облечам кошула која често ја носам и за првпат ќе обрнам внимание на тоа како е шиена. Ќе ги замислам рацете кои го допирале памукот. Ќе сфатам дека сите тие сега невидливи работи се дел од историјата на мојата кошула.

И сите оние работи на кои сум навикнат, како што се сандалите, кои, по долга употреба станале додаток на моите стапала, ќе бидат завиени во мистеријата на откритието.

Бидејќи тргнувам кон иднината, ќе ми помагаат и гребнатините на сандалите појавени тогаш која сум се заплеткал во минатото. Нека сè што ми допре раката и видат очите и вкуси устата биде поинакво, а сепак исто.

На тој начин, сите тие работи ќе престанат да бидат мртва природа и, наместо тоа, ќе ми објаснат зошто траеле толку долго, ќе ми го откријат чудото на новата средба со емоциите кои се заборавиле поради рутината.“

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура