X
 05.08.2015 Наука

Искуство на Македонец кој учествувал на познатата Средба со нобеловци

Александар Кондински е докторанд на универзитетот „Јакобс“, добитник на стипендија „Марија Кири“ и шестиот Македонец кој учествувал на познатата Средба со нобеловци. Имено, Александар имал можност да учествува на средба со нобеловци по хемија, физика и медицина во Линдау, Германија, кадешто учествувале приближно 650 студенти, докторанди и пост-докторанди од светот. Овие среќни студенти, меѓу кои и Александар, учествуваа на настанот заедно со 65 нобеловци. Претходно имаме разговарано со Александар во врска со неговите студии и успеси, а овојпат со него зборувавме во врска со средбата и начинот на кој студентите може да учествуваат на истата.



Ф: Може ли да ни кажеш нешто повеќе за средбата? Како беа одбирани студентите кои учествуваа?

Александар: 65-та средба на нобеловците во Линдау, Германија беше со интердисциплинарен карактер. На средбата беа поканети 65 нобеловци од хемија, физика и медицина или физиологија.

На средбата учествуваа околу 650 млади студенти и млади научници. Сите учесници се избирани врз основа на нивните академски постигнувања во одредена релевантна област. При евалуацијата на академскиот успех, комисијата во Линдау ги зема во предвид бројот и квалитетот на објавени трудови, успехот при студирањето, работното и просветно искуство, учество на научни конференции итн. При селекцијата, комисијата, исто така, ги зема во предвид годините на апликантот и ангажманот во останати активности покрај академските како, на пример, израснување на деца, воена должност итн.

Ф: Кој може да се пријави за учество и како?

Александар: На средбите во Линдау може да учествуваат студенти на додипломски и магистерски студии, докторанти како и постдокторанти не постари од 35 години. Лидау е отворена за апликанти од целиот свет, па оваа година беа присутни научници со потекло од 88 држави. Апликантите кои веќе учествувале на една средба не можат да учествуваат повторно. Сета комуникација на средбите се изведува на англиски, па така, потребно е учесниците одлично да го познаваат овој јазик.

Аплицирањето се извршува онлајн. Партнер институциите на средбите во Линдау можат да номинираат одреден кандидат, но крајниот избор дали кандидатот ќе биде прифатен или одбиен останува на комисијата во Линдау. Доколку одреден кандидат не е афилииран со партнер институција, а има интерес да учествува, постои можност за отворена апликација.


Ф: Накратко, какво беше искуството?

Александар: Искуството беше феноменално. Директно контактирав со повеќе нобеловци со кои можев да разговарам на спектрум теми кои се однесуваат на строго технички проблеми, образованието во природните науки, нови технологии и истражувачки хоризонти. Претпладне, секој нобеловец предава лекција која често го покрива откритието кое го/ја довело до нобеловата награда. Се разбира, често за време на лекциите нобеловците откриваат и дел од нивните лични предизвици и кризи на кои наидувале за време на најбурните моменти од нивната кариера. За време на попладневните часови, нобеловците организираат часови на кои присутните учесници можат да им поставуваат прашања. Последните години, некои нобеловци организираат и семинари на кои учесниците можат да прикажат и да дискутираат дел од своите истражувања, па и да добијат различни сугестии од останатите учесници, но и од нобеловецот.

Ф: Кои се најимпресивните имиња кои присуствуваа?

Александар: Мислам дека на средбата имаше преку седумдесет импресивни имиња. Сепак, според мене, три имиња кои не се поврзуваат со природни науки и медицина, но беа поканети на средбата и имаа импактни говори, се германскиот претседател Јоахим Гаук и нобеловците Воле Сојинка (литература, 1986) и Каилаш Сатијарти (мир, 2014). Во говорите на овие три личности, на младите учесници на средбата им беа предочени актуелните предизвици на научниците во градењето на јавното мислење, во борбата против силите на догмата и при давањето шанса на образование на секое дете.

Ф: Една (или повеќе) важна работа која ја научи од нобеловците?

Александар: Мислам дека за време на средбата имав можност да слушнам директно перспективи и совети од нобеловци кои самите ги стекнале од нивното долгогодишно искуство. Повеќето од советите кои тие ги упатуваа се однесуваа на зацврстување на личниот елан за извршување на макотрпна научна работа, за оригиналност во работата и предизвиците при влегување во нови непознати хоризонти (т.е. terra incognita), за балансот помеѓу кариерата и семејството итн. Се разбира, од сите овие перспективи и лични искуства не би можел да извлечам една генерална порака која доколку практикувана би довела до стабилна и успешна кариера на секој млад научник, но лично сметам дека успеав да добијам идеа како да ја реконструирам и градам мојата кариера.


Ф: Дали имаше можност да се запознаеш со нобеловец?

Александар: Се разбира. За време на средбата успеав директно да комуницирам со повеќе од десетмина нобеловци. Можеби тројца нобеловци со кои остварив најдобар контакт се Ферид Мурад (медицина, 1998), Харолд Крото (хемија, 1996) и Жан Мари Лен (хемија, и 1988). Со проф. Мурад и неговата сопруга Карол Анн Мурад и неколку студенти и научници имавме заедничка вечера. Таткото на проф. Мурад е со потекло од Македонија. По добивање на нобеловата награда, проф. Мурад неколку пати ја има посетено Македонија. Исто така, тој е почесен член на МАНУ, додека, болницата во Гостирвар го носи неговото име.

Од професорите Лен и Крото успеав да добијам практични совети кои ми помогнаа да добијам идеа како да ги ориентирам моите понатамошни истражувања во супрамолекулана хемија и нанонаука. Со професор Крото наидовме и на заедничка тематика за понатамошна соработка – промовирање на интересот за науката кај најмладите. На професорот Крото му се допаднаа експеримените кои ги изведуваме во домашни услови со мојот две и пол годишен син. Едно од тие видеа веќе е прикачено на страницата geoset.info која е основана од професор Крото и е наменета за промовирање на слободни образовни ресурси.

Ф: Зошто студентите би требало да се пријават за учество?

Александар: Средбите во Лидау се единствени во светот каде што се среќаваат голем број на нобеловци со студенти или млади научници со цел да се инспирираат едни од други, да споделат познавање и да се вмрежуваат. Во зависност од годината, тематиката на средбите варира помеѓу хемија, физика, медицина или физиологија, интердисциплинарност и економија. Со ова се покриваат многу дисциплини и истражувачки полиња. Подготвувањето на апликацијата, само по себе, претставува предизвик земајќи во предвид дека има илјадници заинтересирани талентирани аплинканти, додека само неколку стотини ќе имаат можност да учествуваат. Понатаму, при успешна селекција, трошоците за учеството се покриени од различни фондации кои ги спонзорираат средбите. По завршувањето на средбата, учесниците се стекнуваат со сертификат за учество.

Учеството на средбите дава уникатна можност за врмежување, истражувачка соработка но и за директно контактирање со работодавачи од индустрија и академија. На сите заинтересирани околу овие средби би им препорачал да ја прегледаат веб страницата на средбите во Линдау која располага со прекрасна медиатека од видео лекции, биографии и други активности, па потоа сами да одлучат дали сакаат да се дел од тоа искуство.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука