Доколку постојано исмејуваме, многу е веројатно дека ќе воспитаме деца кои нема да бидат многу толерантни и емпатични, туку главно ќе бидат склони кон исмејување на своите врсници, дискриминација и веројатно ќе бидеме одговорни за поттикнување врсничко насилство, смета Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми
Автобуската несреќа во Бугарија ги обедини сите корисници на социјалните мрежи и одеднаш емпатијата и сочувството го заменија класичниот говор на омраза меѓу етничките групи. И кога само за момент ќе помислиме дека се создал вистински јавен дискурс и сме почнале критички да размислуваме, се случи „грашокот“ и искреноста на младиот извидник што повторно длабоко нè подели како општество.
Со Бојан Кордалов, комуниколог-специјалист за односи со јавност и нови медиуми, разговаравме за морализирањето по социјалните мрежи, комуникацијата и сајбер-булингот.
Што се случи со публиката и медиумите по автобуската несреќа, дали само вакви катастрофи можат да наметнат вистински јавен дискурс и критичко размислување или во прашање е нешто друго?
- Често нагласувам дека социјалните медиуми се само канали преку кои сите ние, луѓе со име и презиме, креираме содржини. И токму од секој од нас зависи дали својот виртуелен простор ќе го претвориме во место со емпатија, позитивна мисла или, пак, во канал преку кој емитуваме омраза, дискриминација и поделби. Трагедиите се нешта кои е човечно кај секој од нас да разбудат сочувство, желба за поддршка на семејствата или едноставно емпатија. Јас сум уверен дека секој од нас како граѓанин во себе го носи тоа и многу пати сме докажале дека е така. Но, за жал, децениските неодговорни политики и особено лошите партиски наративи, полни со погрдни зборови и навреди, во голема мера ја раскараа и ја поделија целата земја. Па дури би рекол дека кавгите и поделбите по политичка основа сѐ почесто стануваат неизоставен дел дури и во рамките на секое семејство, маало или населено место. И ова е многу жално бидејќи доколку во комуникацијата се оттргнеме од човечноста, нема далеку да стигнеме. Впрочем, негативните ефекти од ова ги гледаме насекаде: незадоволство од јавните услуги и недоверба во институциите, масовно иселување и желба на младите луѓе по секоја цена да се напушти Македонија, општествена апатија и слично.
И тука сакам јасно да ја лоцирам главната одговорност за да се случат позитивни промени. Одговорноста во прв ред е кај јавните институции, вклучително и сите политички чинители, независно од која страна на политичкиот спектар во моментов се наоѓаат.
По само една недела од големата несреќа јавноста почна да се занимава со симпатично дете кое не сака да јаде грашок и единствено е виновно што било искрено. Најголемиот дел од јавноста го одбрани детето, но ги стави под тепих сериозните проблеми поврзани со семејното воспитување и образовниот систем, зошто?
- Мислам дека нема друг начин да се објави едно такво видео, а тоа веднаш да не стане екстремно популарно, односно вирално. Токму ова се, всушност, луѓето, темите и начините на комуникација кои недостигаат во јавноста.
Буквално сме уморни како луѓе да ги слушаме истите флоскули, истите политички фрази, буквално истиот наратив кој значи дека кога едната партија ќе каже дека е нештото бело, автоматски другата го прогласува дека е обоено во црна боја. Потребно ни е освежување и промена, а ваквите искрени и детски видеа го носат токму тоа.
Но, се согласувам, повторно кај дел од нас на површина излезе желбата за морализирање и комуникација базирана на „берење на туѓото гајле“. Потребно е да престанеме да се грижиме повеќе за животите на другите, а многу повеќе да се посветиме на сопствениот развој, стекнувањето нови вештини или со една реченица - како да бидеме постојано најдобрата верзија од себеси.
Впрочем, да потсетам дека и во двата случаи со групите „Јавна соба“ и слични каде што без дозвола се споделуваа и ширеа експлицитни фотографии, добар дел од реакциите на почетокот беа во стилот „така ѝ треба кога не внимавала што прави“. Значи, како комуницираме е многу важно и токму од нашиот личен став може да зависи дали ќе охрабриме или попречиме одреден детски и младински развој.
Токму затоа, моја голема поддршка и симпатии за слаткото детенце и неговото детско и искрено одговарање на сите прашања што му беа поставени. Посакувам ваквиот пристап да биде поука и потсетник за политичарите дека во односот со граѓаните треба да практикуваат искрен однос наместо „обланда“ од навреди, а неретко и манипулации.
Неколку случаи поврзани со децата, меѓу кои и детето со грашокот и децата од градинката што играат на турбофолк-песна, ја прикажаа сета суровост на онлајн јавноста. Свесни ли сме дека со тоа може да предизвикаме сајбер-булинг?
- Мислам дека отворате многу важна тема во јавноста. Навистина е битно да се следи воспитно-образовниот процес и тој да се унапредува, но како човек секогаш сметам дека прекумерните реакции на одредена тема можат и многу да ни наштетат. Со други зборови, би сакал да нагласам дека дел од реакциите беа толку гласни и сурови што кога некој отстрана би прочитал, без да знае за што се работи, ќе добие впечаток дека има деца кои во градинка биле оставани без храна или, пак, дека им биле пуштани хорор-филмови.
Секако, имам целосна почит кон родителите кои на децата не сакаат да им пуштаат или да ги воспитуваат со турбофолк-музика, но да бидеме реални дека каде и да се завртиме, ја слушаме „Жена од султана“ и слични песни.
Решението е дека мора да имаме унифициран курикулум за воспитување и нега на децата во детските градинки кој ќе биде постојано ажуриран и приспособуван на времето во кое живееме, но првенствено насочен кон потребите за здрав раст и развој на децата.
Во меѓусебното обвинување или фаќање сеир на социјалните мрежи заборавивме на најважното. Како да ги заштитиме децата при објавување материјали, вести, видеа, слики на интернет?
- Искрено, не би генерализирал во овој дел. Всушност, познавам многу родители кои навистина многу вложуваат во дигиталното описменување на своите деца. Како функционираат работите во оваа сфера? Колку порано ги поставиме правилата за однесување во дигиталниот свет пред децата, толку повеќе образование и отпорност од интернет-опасностите сме им дале за цел живот. Но, мора да бидеме свесни дека децата во голема мера учат од модел. А нивен модел до одредена возраст се возрасните. Тоа значи дека ако ние по цел ден седиме на телефон, таква навика индиректно ќе му всадиме на нашето дете, односно ќе смета дека е потребно постојано да биде со својот телефон.
Или, доколку постојано исмејуваме сѐ што се прави онлајн, особено од младите луѓе, многу е веројатно дека ќе воспитаме деца кои нема да бидат многу толерантни и емпатични, туку главно ќе бидат склони кон исмејување на своите врсници, дискриминација и многу веројатно ќе бидеме одговорни за поттикнување врсничко насилство. Потребно е да прифатиме дека мора да создаваме инклузивен систем, базиран на прифаќањето на сите различности, а тој се гради во секоја пора на општеството, а дали ќе биде успешен, зависи од комуникацијата и дејствувањето на секој од нас.
Некои видеа се објавуваат со дозвола на родителите, но дали тие се свесни дека со таа дозвола децата можат преку ноќ да станат цел на сајбер-булинг?
- Многу треба да се внимава што се објавува, односно какви содржини се објавуваат, особено оние на кои се присутни деца. Би сакал да истакнам дека јас не сум од оние што сметаат дека не треба да се споделуваат убави моменти кои ги поминуваме со своите деца и внуци. Но, сѐ што е претерано дава негативни ефекти, така што доволно е да ги следиме правилата и најважно е да ја најдеме границата меѓу секојдневната и виртуелната реалност. Постојат и одредени мигови кои остануваат само во нашата меморија, односно моменти кои сакаме да ги споделиме само со најблиските, а не со целата интернет-заедница.
Ги учиме ли учениците на критичко размислување со цел да ги филтрираат огромниот број информации што се појавија на порталите и на социјалните медиуми?
- Мислам дека многу малку внимание посветуваме на ова прашање. Сè уште во огромна мера имаме формално образование кое остава малку простор за критичко и креативно размислување. А, со тоа што не им овозможуваме на децата од најрана возраст да ги преиспитуваат авторитетите, го забавуваме нивниот развој и градиме генерации со повисок потенцијал за изложеност на лажни вести, теории на заговор, односно генерации со пониска дигитална писменост споредено со нивните врсници од блискиот регион, како Хрватска и Словенија, но и другите западноевропски земји.
Тешко е денес, во 21 година од 21 век, ера на матаверзум, вие да имате образовен систем базиран само на креда и табла. Едноставно тоа не е времето во кое се раѓаат, живеат и растат овие генерации.
Реформи во образованието, дигитализација со медиумска писменост, критичко размислување, лажни вести. До каде сме со овие реформи и која е улогата на родителите, а која на децата во овие процеси?
- Дали едно дете ќе ја прочита книгата или лектирата во хартиена форма или на таблет е второстепено. Најважно е дали ќе ја прочита. Дали сме успеале на децата да им ја пренесеме љубовта кон пишаниот збор? Тоа треба да се запрашаме, додека сѐ друго е избор и алатка. Бидејќи, содржината на книгата „Пиреј“ е идентична и кога се чита во хартија и кога се чита онлајн. Се плашам дека ние бркајќи ја формата, полека ја губиме суштината. А, таа е дали и колку квалитетно образование денес добиваат нашите деца и колку е тоа приспособено на нивните потреби. И уште поважно, на професиите на иднината кои тие ќе ги работат.
Едноставно мора да носиме реформи кои ги налага новото време, но никако да ги наметнуваме со декрет или сосила. Обратно, треба да оставиме учениците, наставниците и сите други вклучени во воспитно-образовниот процес да го водат главниот збор и да бидат главни заговорници на промените и реформите. И, секако, секогаш да имаат избор. Бидејќи особено дигитализацијата значи вие да имате избор плус наместо во хартија, работите да ги завршите побрзо по електронски пат. Во спротивно, ќе ни се повторува нешто што го гледаме и живееме изминативе 30 години. Тоа е ставање на учениците и студентите меѓу „чеканот и наковалната“, каде што на едната страна се родителите, на другата директорите, на третата - наставниот кадар и, за жал, на четвртата - надлежните во образованието и другите јавни институции.
Кога ќе стигнеме до стадиум да извлекуваме поука од ваквите настани и веднаш да смениме нешто на подобро?
- Искрено, мене многу ме охрабруваат младинските иницијативи. Да се потсетиме дека средношколскиот сојуз во изминативе години активно го менува општеството и не дозволува институциите да одлучуваат во име на средношколците и да ги третира само како неми набљудувачи. Дополнително, тие активно се борат за вистинско средношколско организирање и лидерство уште од најмали нозе. Или, пак, против наметнати давачки, макар тие некој ги сметал за мали и подносливи за плаќање. Студентите го креваат гласот против бирократизацијата, односно бараат да се дигитализираат факултетските служби и да се поедностави системот во кој тие функционираат. Пред само една недела бев дел од процес на обука за градење комуникациска стратегија каде што млади на возраст меѓу 14 и 19 години дадоа неверојатни идеи за справување со климатските промени и за надминување на проблемите кои се горливи во делот на животната средина. Тоа не значи дека ние што не сме млади сме неупотребливи. Напротив, тоа значи дека нашата употребна вредност со секоја измината година се зголемува ако им бидеме поддршка на младите во нивната природна мисија да го менуваат светот и да го направат поубаво место за живеење. Неприфаќањето на ова води кон тоа нашите системи да не се ефикасни, а со децении параметрите во Македонија и на Западен Балкан тонат до степен на севкупно незадоволство меѓу граѓаните.
Потребно е да обезбедиме еднакво квалитетно образование за секој ученик и ученичка. Образование кое е посветено на учениците, но и систем кој ќе препознава квалитет, таленти и надареност. Но, да не заборавиме, секое дете има врвни квалитети, свој талент и надареност во одредена област. Ако образованието е подготвено и знае како да го разбуди лидерот или лидерката во секое дете, тогаш ќе изградиме најсилен и одржлив систем, но и општество кое постојано и самостојно ќе се унапредува.
Социјалните мрежи, потсетувам, се само алатка, канал или ако сакате обична цевка која секој од нас решава со што и како ќе ја исполни. Така што би потсетил дека имаме два избора. Едниот, да бидеме зависни и да им слугуваме на социјалните мрежи. Вториот, социјалните мрежи и дигиталните алатки да ги ставиме во наша функција и тие да ни служат нам, како и на нашите потреби и напредок.