После неколку години упорно лобирање од иселеничките групи во Данска како и организацијата „Данците во светот“, двојното државјанство конечно ќе стане реалност во Данска.
Пред парламентот во декември 2014 да донесе закон кој дозволува двојно државјанство, Данска беше една од последните земји од ЕУ која не дозволуваше двојно државјанство преку натурализација. Иако имаше голем број на исклучоци од правилото, во поголем дел, странците мораа да се откажат од нивното државјанство за да станат Данци, додека Данците кои живеат во странство мораа да се откажат од своето оригинално државјанство за да можат да земат ново.
Но, новиот закон кој стапи во сила на 1 септември, им овозможува на странците кои живеат во Данска да добијат данско државјанство без да мораат да се откажат од своето оригинално државјанство. Во меѓувреме, сите Данци кои претходно се откажале од нивното државјанство, имаат пет години да си го вратат.
„Данците во светот“, глобална организација на данските иселеници велат дека ова е проблем на кој работеле повеќе од една деценија.
„Добро е што луѓето кои се надвор од нивната татковина, без разлика дали се Данци кои живеат во странство или луѓе кои живеат во Данска, сега ќе можат да го задржат својот идентитет и активно да учествуваат во усвојување на културата“, вели генералниот секретар на организацијата, Ен Мари Далгард.