Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ познат и само како 11 Октомври е државен празник. Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна
Фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 год. создаваат нови, потешки и посложени услови за југословенските народи и народности во нивната борба за национална и социјална слобода. Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор.
За почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. При нападот, партизаните се распределуваат во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората - затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација. Во нападот учествуваат 16 партизани. Учесници во нападот се: Трајко Бошкоски – Тарцан, Борка Талески, Благоја Корубин, Мице Козароски, Душко Наумоски, Милан Димоски – Коке, Драган Спиркоски – Максо, Благоја Спиркоски, Аспарух Јосифоски, Никола Попоски – Просветениот, Јонче Јаничот, Перо Крстески, Душан Ристески – Кашата и други.
Помеѓу партизаните немало загинати, а бил убиен еден стражар од участокот во Прилеп од Душан Наумоски. Татко му на Наумоски бил пријател на стражарот Петар Колев, коj бил местен човек, мобилизиран. Душко го искористил ова па се приближил и го убил.
Дејствија има и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред - на 17 октомври. Скопскиот партизански одред, формиран веќе во август, не зема активно учество во овие настани. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата