X
 07.12.2015 Образование

Филип Стојановски: Студентите заслужуваат достоен живот во студентските домови

„Факултети.мк" ќе објави неколку куси интервјуа со познати и успешни лица како и со влијателни твитерџии и блогери, кои даваат оценка за годинава што изминува, а одговараат и на прашањето, што е она што очекуваат да се промени во следната календарска година.


Ова е ставот на Филип Стојановски, кој минатата година доби признание за твитерџија кој најмногу напреднал. Инаку, Филип е и првиот дипломец на ФИНКИ со просек 10.00


1. Што е она по што ќе ја паметиш 2015-та година, во општествено-политички контекст?

Синоними за 2015-та година: Студентски Пленум, автономна зона, студентско будење. Како студент, ова е тоа што најмногу ме засега и по што ќе ја паметам годинава. Годината кога студентите покажаа колку се силни и истрајни при борбата за своите права. Го немав видено факултетот поубав од тогаш кога беше прогласена автономната зона и можеше да се види надеж во очите на студентите кои деноноќијата ги поминуваа таму. Навистина беше студентска пролет и гордо можам да кажам дека и јас бев дел од неа. Мило ми беше што за прв пат се забележаа некакви резултати, а уште помило што сите останати сфатија колку е силна младината и дадовме надеж на средношколците да застанат и зад нивните барања и да се оформи Средношколскиот Пленум.

2. Што очекуваш и што сакаш да се промени во 2016-та година?

Прво, реновирани студентски домови. Не нѝ требаат милионски споменици, фонтани, музеи и барокни фасади. Студентите заслужуваат немувлосано живеалиште, топла вода, достојна храна. Три години „живеев“ во студентски дом. Не живеев, туку преживував. Јас и илјадници други. Еден реновиран блок во студентскиот дом „Гоце Делчев“ е добро, но не и доволно. Се надевам дека тоа не е само еден предизборен перформанс и ќе продолжат со целосно реновирање на сите домови што е можно побргу. Второ, подобро образование. Не образование какво што само „тие“ сакаат. Премногу се навлезени и имаат контрола врз сè во државата за да туркаат сопствени интереси и да помагаат на „свои луѓе“. Образованието треба да е професионално, квалитетно, и непристрасно, постигнато во соработка со студентите и учениците наместо со интерен договор помеѓу неколку „одговорни“. Годинава беше само првиот чекор од едно долго и мачно патување, чија цел не е само наша, туку и на идните генерации.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование