X
 28.07.2023 Наша тема

Филип Стојановски - од прв дипломец со 10,00 на ФИНКИ до сениор научник за податоци во „Спотифај“: Никогаш не престануваш да учиш

Сакам да најдам добар баланс каде што ќе се чувствувам исполнето од мојата работа, но и од тоа што го правам надвор од работата. Имам уште х години живот, прашањето е на што попрво да ги посветам, дополнува Филип.

Филип Стојановски е роден во Крива Паланка, а дипломира на ФИНКИ во 2015 година и беше прв дипломец со просек 10,00 на овој факултет. По дипломирањето добива стипендија за магистерски студии во Мадрид, потоа продолжува со учење и работа во Стокхолм, а сега работи во „Спотифај“ во Њујорк.

- Некогаш морам да се потсетам каде живеам и дека тоа е реалност, ова навистина е прекрасен и легендарен град - вели тој.

Никогаш не престануваш да учиш

Моментално е дел од тимот на „Спотифај“. Филип е неуморен во своите амбиции, постојано расте и се развива во секој поглед. Ни раскажа како дојде до работата во „Спотифај“.

- До соработката дојде кога студирав во Стокхолм и „Спотифај“ беше компанијата каде што сите колеги сакаа да работат на нивната магистерска теза. Пријателка од ФИНКИ веќе работеше таму и ме препорача за еден од проектите. По магистерската, која беше од областа машинско учење, најдов позиција и аплицирав за научник за податоци (Data Scientist) во одделот за премиум-корисници каде што работев на студентскиот, дуо и семејниот план. По четири години барав нов предизвик и аплицирав во бизнис-тим во Њујорк што работи со артисти, издавачи и другите делови на музичката индустрија, каде што работам како сениор научник за податоци. Моментално го анализирам бизнисот на промовирање нова содржина на „Спотифај“ - споделува Филип.



Предизвикот да се работи за популарниот стриминг-сервис „Спотифај“ е тоа што никогаш не престануваш да учиш, а тоа е предност, вели тој.

- Сите колеги имаат различен поглед на светот и различна перспектива, која ја земаме предвид кога работиме заедно. Некогаш доаѓа до конфликти, но решението секогаш е подобро отколку кога сите би биле истомисленици. Бидејќи ова ми е прва „вистинска“ работа, сите ми велат дека сум разгален и дека условите што ги нуди компанијата многу ретко се наоѓаат. Затоа и не ми се брза да барам нешто надвор од „Спотифај“. Работната атмосфера и моето искуство се имаат променето со годините. Се случи пандемијата, се преселив, сменив тим. Неодамна сфатив дека најблиските нови пријатели ми се всушност колегите. Поминуваме низ многу работи заедно на работа, но тоа не нѐ спречува да се дружиме, туку нѐ мотивира. Ако не си близок со луѓето со кои поминуваш околу 40 часа неделно, времето ќе ти поминува многу бавно. Воспоставувањето ваква конекција е малку потешко со дистрибуирани тимови низ Америка и Европа, што е еден од поновите предизвици - споделува Филип.

Официјално знаење од професори, неофицијално од колеги

На прашањето на што најмногу го научи искуството таму, тој вели дека покрај тоа што
има научено и усовршено технички вештини во изминатите години, најмногу ги подобрил своите меки вештини - комуникација со колеги, разбирање на барањата, планирање и приоретизирање, презентирање и кажување успешна „приказна“.
- Овие работи тешко се учат на факултет и потребно е да се стават во практика на реални проблеми - вели Филип.

Науката за податоци е комбинација на логика и креативност - првото го има наследено од својот татко, а второто од неговата мајка.



- Едно е да знаеш како да извршиш анализа, а друго е како ќе ја презентираш. Но ова се предиспозиции. За знаењето, би рекол дека го имам стекнато официјално од професори, наставници и тутори, но и неофицијално од колеги од факултет и работа, пријатели и книги. Клише, но никогаш не престануваш да учиш. А како се мери „успешна“ кариера? Јас мислам дека ако имам живот по работата со кој сум среќен и луѓе околу мене кои ми значат, сум успеал во кариерата. Омилен дел од работата ми е кога ќе видам дека сум помогнал некому да стигне од А до Б, дали со анализа, увид или визуализација на податоци, или индиректно, со разговор со колега кога разгледуваме заедно како да се пристапи на даден проблем или ситуација - истакнува нашиот соговорник.



Се фокусира на комплексни проблеми


Неговите амбиции допрва ќе растат, но она на што сака да се фокусира се комплексни проблеми.

- Мислам дека работам подобро на концептуално ниво отколку на операционо, поради што се гледам како менаџер за неколку години. Сакам да решавам големи и комплексни проблеми, но истовремено сакам сите околу мене да се на иста фреквенција и да чувствуваат сопственост врз нивната работа. Ова го учам преку менторирање на понови колеги и „менаџирање нагоре“ (managing up) – правилно поставување на очекувањата од моја страна и лесно разбирање на насоките од мојот менаџер и раководството на мојот оддел. Следни предизвици надвор од работата ми се да се посветам на повеќе хобија (неодамна дознав дека „Инстаграм“ не е хоби, а толку време посветував на тоа). Сакам да најдам добар баланс каде што ќе се чувствувам исполнето од мојата работа, но и од тоа што го правам надвор од работата. Имам уште х години живот, прашањето е на што попрво да ги посветам - дополнува Филип.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема