X
 23.12.2015 Образование

Родители напуштаат работа за да одат на училиште со децата

Нема логопеди, дефектолози во секое училиште, недостасуваат средства за асиситивна технологија, пристапни рампи, лифтови во училишните згради, а проблем има со оценувањето и екстерното тестирање на децата со посебни потреби. Ова се главните проблеми со кои секојдневно се соочуваат децaта со посебни потреби кои се вклучени во редовното образование и нивните родители. Голем дел од родителите напуштаат работни места или работат скратено работно време за да ги придружуваат децата на училиште.



Родители сами плаќаат логопеди и дефектолози

„Инклузијата во образованието претставува процес на меѓусебно уважување на различноста на секој ученик и на неговите потреби, каде ученикот е во центарот на вниманието, а образовниот систем треба да се справи со предизвиците исправени пред сите ученици, во овој контекст и пред учениците со посебни образовни потреби“.

Оваа реченица се среќава во повеќе официјални и неофицијални документи поврзани со образовниот процес во Македонија и јасно кажува дека секое дете треба да добие шанса да добие квалитетно образование. Ова подразбира материјална, финансиска и кадровска посготвеност на училиштата да одговорат на потребите на различните ученици во редовната настава, овозможување на наставни програми и помагала кои ќе бидат адаптирани на индивидуалните капацитети и потреби и ќе одговараат на нивните афинитети.

Но, што добиваат учениците со посебни потреби од македонското образование? Васил е прваче во подрачно основно училиште. Дефектолог и логоипед нема, па наставничката сама се справува со овој и за неа нов предизвик и го учи Васил да пишува, чита, смета, да го сака училиштето. Најстрашно од сé во оваа приказна е што мајката на Васил, морала да се одлучи да работи скратено работно време за да оди со него на училиште.

- Васил сé уште учи да зборува, има пречки со говорот. Едвај изговара цели речиници, има проблем да се фокусира на една задача, хиперактивен е. Со години плаќаме приватен логопед и дефектолог бидејќи во градот во кој живееме има само еден државен, кој не се ни труди многу со децата, па Васил одби да комуницира со него. Со оној што го плаќаме сами, одлично му оди и има многу подобрување. Пред почетокот на оваа учебна година не се радував како секој родител, туку плачев и се плашев што ќе се случи со моето дете. Логопедот нé охрабри дека е добро да тргне на училиште, но само ако јас или татко му одиме со него. Училиштето нема стручно лице, а ние немаме пари да го плаќаме да доаѓа на настава со него. Затоа почнав да работам само четири часа дневно, за да одам со него во училиште. И многу ги има како нас, родители што не можат да работат за да одат со децата во школо. А никој не не прашува дали имаме пари да преживееме- вели мајката на Васил.

Таа ни раскажа дека наставничката многу се труди околу Васил, му посветува внимание, но и таа некогаш не знае како да постапи со него бидејќи не е обучена да работи со дете со посебни образовни потреби. Полугодието е при крај и досега во училиштето не стапнал ниту дефектолог ниту логопед.

Недостасува обука за наставниците


На многу други деца со посебни потреби вклучени во инклузијата во Македонија, зависно од хендикепот со кој се соочуваат им требаат многу нешта. Од модерна и современа асиситивна технологија, наставни помагала, стручни лица, медицински придружник...Дека на родителите им е потребна помош од државата, јасно кажаа и на неодамнешниот протест пред Владата. Родителите побараа средба со премиерот Никола Груевски поради насобраните проблеми на оваа категорија во општеството.

Барањата пред сè беа насочени кон Министерствоза труд и социјала од кое родителите побараа вклученост и недискриминација на децата во градинките, а од Министерството за образование и наука побараа да се обезбедат дефектолози и психолози во училиштата. Од Министерството за здравство да овозможи лекови.

Од Ресурсен центар на родители, здружение на родители на деца со посебни потреби, кое дава поддршка на родителите во сите сфери, па и образованието велат дека има многу проблеми поврзани со наставата. Оттаму објаснуваат дека над 95 отсто од родителите кои имаат дете со посебни потреби, а посетува редовна настава одат со него на училиште. Велат дека тешко се доаѓа до бројката на деца со посебни потреби во земјава. Податоците од центрите за социјална заштита каде доаѓаат барања за надоместоци за деца со посебни потреби, говорат дека бројката изнесува од 6 до 8 илјади деца.

- Но, не примаат сите деца помош, па и оваа бројка не е точна -велат од Ресурсен центар.

Од Министерството за обрзование и наука, добивме податок дека во редовното основно и средно образование во Република Македонија се вклучени 725 ученици со извесна посебна образовна потреба. Токму овие деца се соочуваат со големи предизвици кога е во прашање нивното школување. Здружението присуствувало на настан организиран од Народниот правобранител каде конкретно биле посочени проблемите на децата со аутизам. Од направената анкета и одговорите од 256 основни училишта во Македонија, Народниот правобранител во извештајот заклучува дека не секое од нив е подготвено да му обезбеди соодветно образование на детето со аутизам.

„ Училиштата не се кадровско, просторно, ниту материјачно опремени со потребните наставни средства, а наставниот кадар не е доволно (во некои училишта вооопшто не е обучен за работа со деца со аутистичен спектар на нарушување. Мал број на училишта имаат дефектолог за работа само со деца со аутизам. Во најголем дел од училиштата, дефектологот е мобилен и покрива неколку училишта во општината. Во дел од основните училишта, родителите на овие деца на сопствен трошок обезбедуваат дефектолог за работа со нивните деца“, пишува во извештајот на Народниот правобранител.

Од Ресурсниот центар на родители велат дека во училиштата недостасува сé.

- Овие деца имаат најразлични потреби, на некои им требаат пристапни рампи, дефектолози, логопеди, асистент или медицинксо лице кое ќе ги придружува, лифтови, асистирана технологија, простории каде ќе треба да им се пружи медицинска помош и сл. На наставниците им недостасува обука за работа со ученици со посебни потреби.

Наставна програма има, се вика индивидуален наставен план. Но, проблемот е со оценувањето на ученикот бидејќи не е дефинирано никаде. Ако детето ги остварило сите цели според таа програма треба да добие петка. Но,има наставници кои децата ги споредуваат со постигањата на другите деца, па им ставаат тројка. Значи сé се сведува на добрата волја и сензибилитетот на наставникот. Горлив проблем е екстерното оценување бидејќи тие полагаат тестови според основната наставна програма, а не индивидуалната -велат од центарот, кој многупати досега бил медијатор во решавања на случаи кога има проблеми при инкузирањето на децата со нетипичен развој.

- Мораме да напоменеме дека во последните години, на секое ниво работите се придвижуваат, но секако дека тоа не е доволно. Нашите деца најчесто немаат толку време - велат од Ресурсен центар.

Барањата на родителите се повеќе конкретни и структурирани, така да и реакциите и одговорите треба да бидат побрзи и поефективни. Родителите на децата со нетипичн развој не одбираат агресивен пристап во решавање на работите, од причина што себе си се гледаат како круцијална алка во дефинирање на потребите на сопствените деца.

Што велат во МОН

Факултети мк. испрати неколку прашања до Министерството за образование и наука во врска со проблемите на децата со посебни образовни потреби кои се вклучени во редовната настава. Еве што одговорија оттаму?

Колку вкупно деца се вклучени во процесот на инклузија, односно колку деца со посебни потреби се вклучени во редовното образование?

- Во редовното основно и средно образование во Република Македонија се вклучени 725 ученици со извесна посебна образовна потреба.

Родители се жалат дека децата со посебни потреби се соочуваат со многу проблеми кога е во прашање наставата од тоа дека нема логопеди и дефектолози, медицински лица придружници на децата, пристапни рампи и асиситивна технологија? Што МОН превзема за решавање на овие проблеми?

- Инклузијата е процес кој постојано се надградува и подобрува, со цел сите деца да добијат подеднакви можности за образование. Во таа насока континуирано ги следиме искуствата од другите земји од светот, релевантните научни сознанија и резолуциите на меѓународните тела и организации, како УНЕСКО и ООН. Ќе наведеме дел од суштинските активности. Имено, посветени сме на зајакнување на стручната психолошко – педагошка служба во училиштата, која заедно со наставниците и со родителите на учениците со посебни образовни потреби изработуваат индивидуални планови и програми за работа со овие ученици (кои се изведени од редовните наставни планови и програми) во зависност од нивната категоризација. Во изминатите 3 години ангажирани се вкупно 122 педагози, психолози и дефектолози низ општините во земјата. Во соработка со Здружението на граѓани за поддршка и промоција на пристапноста на нови технологии за лицата со хендикеп „Отворете ги прозорците“ кое го спроведува проектот за е-пристапно образование финансиски поддржано од Американската агенција за меѓународен развој, имаме за цел да се поттикне инклузијата и активно учество на учениците со посебни потреби во редовното образование преку промовирање на примената на асистивната технологија во наставата. За инклузираните ученици со посебни образовни потреби, во соработка со УСАИД и Универзитетот на Југоисточна Европа започнавме со изработка на учебници на брајово писмо. Министерството за образование и наука со финансиски средства, континуирано учествува во поставување на пристапни рампи и подвижни платформи во основните и средните училишта. Од 2009 година досега, изградени и поставени се 120тина пристапни рампи и подвижни платформи. Понатаму, секоја учебна година покрај останатите конкурси за стипендии на кои можат да конкурираат сите ученици од средните училишта независно кој вид на средно образование го имаат запишано, министерството распишува и конкурс за стипендии за ученици со посебни потреби од јавните и приватните средни училишта во Република Македонија. Секоја учебна година се доделуваат по 50 стипендии на учениците со посебни образовни потреби.

Како децата со посебни потреби полагаат екстерно тестирање?

- Учениците со посебни образовни потреби кои учат во посебните училишта, се ослободени од обврската за екстерна проверка на знаењето, а за учениците со посебни образовни потреби инклузирани во редновните училишта, се одредува помошник тестатор кој им помага во текот на тестирањето.

Додека, согласно измените на Правилникот за начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците на испитите во државната матура во гимназиско, стручно и средно уметничко образование, извршено е прилагодување на државната матура за кандидатите со посебни образовни потреби во гимназиското, стручното и уметничкото образование.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование