X
 15.01.2022 Живот

Зошто некои луѓе повеќе веруваат во дезинформации отколку во факти?

Во последно време активни се дебатите за лажните вести и погрешното информирање. Се знае дека луѓето може да продолжат да веруваат во погрешните нешта дури и кога се поправени со докази и факти, но научниците сè уште не знаат зошто се случува ова.

Веројатно во улога се повеќе фактори, а еден од нив е тоа дека поправањето на луѓето кога грешат им создава чувство на несигурност и неудобност.

Луѓето сакаат да ги знаат причините за настаните во светот. Кога погрешна информација нуди едноставно објаснување за одредени настани, луѓето ја примаат како факт и кога им е понудено друго објаснување (кое можеби е точното), тие се чувствуваат неудобно бидејќи го губат чувството на сигурност. Во овој случај, лицето ја прима новата информација како закана за неговото разбирање на настанот и затоа е мотивирано да се задржи на претходното објаснување.


Фото: Pixabay

Експертите Марк Сусман и Дуен Вегнер спровеле анализа за да го разберат овој феномен и откриле дека повеќе истражувања ја потврдуваат оваа теорија, но и дека чувството на неудобност е поголемо кога темата му е битна на индивидуалецот.

Според нив, ставот на луѓето кон ваквите ситуации исто така игра улога. Во еден експеримент, ефектот бил помал кај испитаниците на кои им било кажано дека е во ред луѓето да чувствуваат неудобност кога ќе дознаат дека грешат. Експериментот покажува дека ставот кон чувството на неудобност може да биде сменет и тоа може да го промени начинот на кој луѓето реагираат кога им е кажано дека грешат, велат експертите.

Извор: Psychology Today
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот