Втор месец по ред Хрватска и Босна и Херцеговина ги тресе афера со лажни дипломи. Тоа ги поттикна новинарите да истражат како оди целата процедура и колку едноставно може да се дојде до диплома во БиХ.
Хрватската новинарка Ана Малбаша одлучила да стапи во контакт со човекот кој во полициските документи бил наведен како посредник, но и покрај тоа, ни малку не се криел, туку и понатаму непречено си ја работел работата. Тој ја понудил својата услуга, а во замена за диплома барал таа да има сексуални односи со него.
- Можеш што сакаш, само донеси пари. Само пари, ако сакаш да леташ во вселената, ако сакаш да ти средам да бидеш астронаут. Зависи каква си. Ако си мачка, можам да ти средам, ако не си, ништо. Прати ми твоја слика на „Вајбер“, ако ми се допаднеш, ќе ти средам за половина цена - ѝ пишувал тој.
Таа го прашала колку е тоа половина цена.
- Ќе се договориме кога ќе се видиме. Само фотографија за да те видам. Фотографирај се пред огледало од сите страни и испрати ми ги, па потоа ќе разговараме - рекол посредникот во телефонски разговор со новинарката.
Според документите на босанската Државна агенција за истраги и заштита (СИПА), луѓето што се евидентирани како посредници, меѓу кои е и соговорникот на новинарката, не работеле само за лица од територијата на БиХ, туку и за луѓе од Хрватска. Новинарката продолжила да се допишува со посредникот, а тој од неа барал фотографија за да види „дали му се исплати“ да се труди.
- Нема што да те завлекувам, јас својата услуга ќе ја наплатам со хотел, а ти среќно ќе се запишеш на школа за полагање и ќе ми бидеш благодарна. Кога ќе резервирам хотел, ќе ти се јавам - ѝ рекол посредникот.
Новинарката потоа го прашала дали прво може да ја добие дипломата.
- Па дипломата не е на гранка! Прво ќе го исполнам своето, па ти твоето - одговорил посредникот.
Новинарката од емисијата „Провјерено“ успеала да дојде и до човек од аеродромот во Дубровник кој тврди дека ги знае сите детали за набавка на дипломи и тврди дека кон крајот на 2017 година во Босна и Херцеговина купувале и некои од неговите колеги.
- Процесот беше крајно едноставен - одиш, првпат се запишуваш, носиш пари, земаш диплома и готово, ти си пожарникар. Не се споменуваше никакво учење, ниту
предмети, само пари и тоа е тоа - вели тајниот извор.