До крајот на месецов хрватската влада ќе ја утврди годишната квота за вработување странци во 2019 година на која, според предлогот, би требало да се најдат дури 63.600 работници. Првпат Хрватска ќе бара и 200 постојани медицински сестри и техничари. Од нив 50 би работеле во составот на здравството, а 150 во домовите за стари лица.
Системот за социјална нега досега не бил меѓу професиите со дефицит на работна сила, па оваа година во таа област во Хрватска биле вработени само пет странци. Од следната година во социјалната нега би можеле да се вработат дури 460 странци. Освен медицински сестри и негувателки, на домовите за стари лица им се потребни и готвачи, помошници-готвачи, чистачи, но пазарот се отвора и за десет физиотерапевти, работни терапевти, социјални работници и за по пет странски психолози и логопеди.
- Тоа е капка во морето од нашите потреби. Кога би имало работници, домовите за стари и изнемоштени лица би можеле веднаш да вработат 2.000 работници, но нема. Ни се јавуваат од сите страни, мојата процена е дека на системот за социјална помош многу брзо ќе му бидат потребни 3.500 работници. Предложената квота не е доволна, треба да се зголеми - категоричен е Јозо Толиќ, претприемач и претставник на здруженијата на сопственици на приватни домови.
Тој додава дека приватните сопственици имаат многу барања за сместување, но ги одбиваат, иако имаат празни соби, а причината за тоа е што немаат доволно персонал.
- Не можете да земете луѓе ако нема кој да ги нахрани и да се грижи за нив - вели Толиќ.
Платата на негувателките во старските домови во Хрватска се движи од 3.600 до 4.000 куни (од околу 490 до 550 евра), а на медицинските сестри од 5.300 до 5.900 куни (720 до 800 евра).
- Ние би дале и илјада евра месечна плата кога би можеле толку да наплатиме од корисниците, но не можеме. Во Загреб не можете да најдете чистачка за дом и со злато да ја плаќате - се жали Толиќ.
Според неговите податоци, оваа година Хрватска ја напуштиле 1.800 медицински сестри, кои главно заминале во Германија, каде што заработуваат од 1.800 до 2.000 евра месечно.
Потреби за вработување странци според сектори и професии
Фото: Vecernji
Синдикатите, пак, се незадоволни од предлогот на хрватската влада.
- Не сме ксенофоби, солидарни сме со сите работници на светот, но конкурентноста на хрватската економија не може да се гради на слабо платена работна сила. Владата ги зголемува квотите токму кога почнаа да растат платите, што ќе доведе до нивно дополнително цементирање. Ако веќе си одат од дома, работниците од нашето непосредно опкружување ќе ја прескокнат Хрватска и ќе заминат подалеку, а задржувањето на малите плати ќе поттикне дополнително иселување од Хрватска - вели Крешимир Север, претседател на Независните хрватски синдикати.
Тој истакнува дека има предлог за вработување на пет странски психолози, а веќе има 250 невработени хрватски психолози. Според него, има многу нелогичности во предлогот на владата и синдикатите не можат да ја поддржат таа одлука.
Градежниот сектор идната година би требало да добие 18.500 работни дозволи, што е за 7.000 повеќе од овогодинешниот број.
Туризмот и угостителството во Хрватска идната година ќе сметаат на двојно поголем број работни дозволи, иако податоците покажуваат дека не ја искористиле докрај ни овогодишната квота.
Исто така, на
Хрватска ѝ се потребни и шпедитери и информатичари.
Инаку, демографите од Економскиот факултет во Загреб, Иван Чипин и Симе Смолиќ, пресметале дека на секои 38 минути и 14 секунди во Хрватска се доселува едно лице. Но, на секои 13 минути и 54 секунди едно лице се иселува.