X
 15.02.2020 Политика

Градоначалничката на Амстердам бара да се забрани продажбата на канабис на странци

Градоначалничката на Амстердам се обиде да добие политичка поддршка за нејзиниот план за чистење на прочуениот црвен кварт во градот откривајќи податоци дека една третина од странските туристи поретко би го посетувале градот доколку не би можеле да купат канабис во специјализираните кафулиња.

Фемке Халсема се обидува да го намали бројот на локации на кои се продава канабис и предлага да се забрани продажба на канабис на странски туристи. Во писмо до група советници таа објавила податоци од анкета за да добие поддршка за нејзината идеја, чија цел е да ја намали популарноста на користењето дроги помеѓу туристите.

Амстердам има огромен број туристи што го посетуваат центарот на градот, но поради преголемиот метеж, градот повеќе не ги рекламира атракциите како порано. Во Амстердам живеат 1,1 милион луѓе, а го посетуваат над 17 милиони посетители годишно.


Fото: Pixabay

Властите сакаат да ги одвикнат странските туристи од искористувањето на политиката за толеранција во однос на користењето канабис. Според анкетата претставена од Халсема, 34% од туристите поретко би го посетувале градот доколку на странците не им се дозволи да купуваат канабис.

11% од испитаниците изјавиле дека не би дошле никогаш повеќе. 40% изјавиле дека повеќе не би користеле „хашиш или трева“ при нивните посети доколку се воведе таква забрана. Секој петти изјавил дека би пуштил некого да му купи канабис, а 18% изјавиле дека би пронашле друг начин за да купат дрога.

Анкетата била спроведена на 100 туристи во населбата каде што се наоѓа црвениот кварт. Испитаниците биле на возраст од 18 до 35 години, а повеќето од нив (57%) изјавиле дека специјализираните кафулиња за продажба на канабис играле клучна улога во нивната одлука да го посетат Амстердам.

Градоначалничката на Амстердам се обидува и да постигне договор во однос на парадоксот со политиката за толеранција во Холандија. Имено, лиценцираните кафулиња може да продаваат канабис, додека производството на дрогата не е легално. Така, кафулињата често купуваат дрога од организирани криминални групи. Халсема бара да се спроведе истражување за да се намали популарноста на канабисот кај туристите и да се разгледаат законите поврзани со овие практики.


Фото: Pixabay

Во соопштение градот Амстердам објави дека од 1 април ќе бидат забранети групните тури во црвениот кварт и други делови од градот во кои има прозорци со сексуални работнички. Турите со водичи во другите делови од градот треба да бидат официјално дозволени за да се реализираат.

Освен тоа, бројот на луѓе во турите се ограничува на 15 и е забрането застанување на места каде што има голем метеж, како што се тесните мостови, пред домовите, но и на влезовите на рестораните и продавниците пред нивното отворање. Ќе има казна од 190 евра за водичите што ќе ги прекршат правилата.

Сега секојдневно поминуваат до 115 тури во црвениот кварт. Повеќе од половина од жителите и компаниите во центарот велат дека имаат проблеми со турите, додека сексуалните работнички се жалат на несоодветно однесување и фотографирање без дозвола.

Автори: Даниел Бофи и Џон Хенли
Извор: theguardian.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика