Примери за вистинско лидерство во време на криза наоѓаме во државите Исланд, Тајван, Германија, Нов Зеланд, Финска, Исланд и Данска, каде што жените му покажуваат на светот како се управува кога ќе дојдат тешки времиња.
Многумина би рекле дека некои од овие држави се мали, острови или постои друг исклучок. Но, Германија е голема, а Велика Британија е остров со различен исход. Но, примерот на овие лидери ни дава атрактивен алтернативен начин за остварување на моќта. Што нè учат тие?
Вистина
Ангела Меркел, канцеларката на Германија, застана мирно и смирено и им кажа на своите сограѓани дека ова е вирус што ќе зарази 70 отсто од населението.
- Сериозно е, сфатете го сериозно - рече таа. Таа го сфати сериозно, па го сфатија и тие. Веднаш почнаа со тестирање. Ја прескокнаа фазата на одрекување, лутење и несериозност, што ја видовме во другите земји. Германија засега добро се справува со смртноста од Ковид-19, а граѓаните ги почитуваат препораките на властите.
Одлучност
Меѓу првите и најбрзите во донесувањето одлуки беше и претседателката на Тајван, Цаи Инг-вен. Уште во јануари, со првите знаци на новата болест, таа воведе 124 мерки за да го запре нејзиното ширење, избегнувајќи строги мерки што станаа вообичаени на друго место. Таа сега испраќа 10 милиони маски за лице во САД и во Европа. Инг-вен имаше најдобра реакција на светот во однос на епидемијата, одржувајќи ја под контрола со само 6 смртни случаи.
Премиерката Џасинда Ардерн од Нов Зеланд веднаш ја заклучи земјата, рано воведе изолација и беше кристално јасна во врска со максималното ниво на сериозност на ситуацијата. Таа воведе самоизолација за луѓето што доаѓаат во Нов Зеланд уште кога во целата земја имаше само 6 заразени, а набрзо потоа целосно го забрани влегувањето на странски државјани. Јасноста и одлучноста го спасија Нов Зеланд од бура. Сега имаат само 9 смртни случаи. И кога сите зборуваат за укинување на мерките, Ардерн додава дополнителни мерки - сите жители што се враќаат во Нов Зеланд мора да бидат во карантин 14 дена.
Фото: Forbes
Технологија
Исланд под водство на премиерката Катрин Јакобсдотир нуди бесплатно тестирање на сите граѓани, што ќе овозможи изучување на ширењето на вирусот и стапката на смртност врз основа на прецизни податоци. Повеќето земји имаат ограничен број тестирања и ги спроведуваат само кај луѓето со симптоми. Поради масовното тестирање и поради темелниот систем на следење на заразените, Катрин не мораше да воведе мерки за изолација, ниту да ги затвори училиштата.
Во Финска, Сана Марин стана најмладата премиерка, избрана минатиот декември. Како вистинска милениумка, таа ја предводи борбата против вирусот користејќи ги инфлуенсерите на социјалните мрежи, бидејќи знае дека не сите ги следат традиционалните медиуми.
Љубов
Премиерката на Норвешка, Ерна Солберг, дојде до иновативна идеја - преку телевизија директно им се обрати на децата во Норвешка, а тоа го направи и премиерката на
Данска, Мете Фредриксен, која одржа прес-конференција само за децата. Таа одговараше на прашањата на децата, им објаснуваше дека е во ред да се чувствуваат исплашено. Воодушевува тоа што идејата е едноставна, а сепак оригинална бидејќи никогаш досега ниеден лидер не се сетил да го направи тоа.
Генерално, емпатијата и грижата што овие лидерки ги покажаа се чини како да доаѓаат од паралелен универзум. А сега споредете ги овие лидерки и нивните приказни со оние на мажите што ја користат кризата за да го зацврстат своето авторитарно владеење: ги обвинуваат другите, го контролираат судството, ги демонизираат новинарите и ги туркаат своите земји во мрак, порачувајќи дека никогаш нема да се повлечат од власта (Трамп, Болсонар, Обрадор, Моди, Дутерте, Орбан, Путин).
Постојат многугодишни истражувања што укажуваат на тоа дека женскиот стил на лидерство може да биде различен и корисен. Но, многу политички организации и компании и понатаму ги тераат жените повеќе да се однесуваат како мажи ако сакаат да водат или да успеат. Сепак, овие жени-водачи покажуваат на кои карактеристики треба да поработат мажите.