Сега кога многумина работат од дома, и тоа со месеци, научниците имаат можност да ги набљудуваат ефектите од социјалното дистанцирање.
Група научници од Глобалниот универзитет во Лондон го анализирале социјалното дистанцирање кај вид риба што се наоѓа во Јужна Азија. Овој вид риба наречена зебраста риба покажува социјално однесување, но околу 10% од овој вид риби се „риби самотници“ кои покажуваат различна мозочна активност од другите, се вели во истражувањето на научниците. Сепак, дури и најсоцијалните риби од овој вид одбегнуваат социјализација по период на изолација.
Со ова научниците сакале да видат дали месеците на социјално дистанцирање имаат трајни ефекти како кај зебрастите риби бидејќи овој вид риба и луѓето имаат слична мотивација за социјализирање која се контролира со слични мозочни структури.
Фото: Freepik
Во истражувањето зебрастите риби биле изолирани два дена. Научниците ги споредиле мозочните реакции во овие риби и рибите што самостојно се изолираат од другите.
Рибите што биле принудено изолирани имале зголемена активност во деловите од мозокот кои се поврзани со стрес и анксиозност и биле почувствителни на стимуланси, но овие ефекти брзо биле надминати кога им бил даден лек против анксиозност. Освен тоа, било откриено дека рибите што биле принудено изолирани имале негативни чувства кога повторно се социјализирале.
Од ова научниците заклучиле дека луѓето веројатно нема да бидат самотници по социјалното дистанцирање, но може да чувствуваат вознемиреност кога ќе се вратат во
нормалната рутина.
Кога станува збор за постојаното изолирање, едно истражување покажува дека постојат опасности за нашата психолошка благосостојба и физичкото здравје од долготрајната изолација. Осаменоста особено негативно влијае врз имунолошкиот систем и нè прави поподложни на болести и инфекции, се вели во истражувањето.
Фото: Freepik
Како што вели Данило Бздок, еден од авторите на истражувањето, луѓето се социјални суштества и социјалното мешање и соработките го поттикнале брзиот напредок на човековата култура и цивилизација. Меѓучовечките односи се основни за преживување, без разлика дали станува збор за бебињата или за постари лица. Затоа, сега е најважно да се дознае повеќе за влијанието на социјалната изолација на човековиот мозок, како и на менталното и физичкото здравје на човекот.
Досегашните истражувања покажуваат дека социјалното дистанцирање последниве месеци не предизвикало чувство на осаменост кај многу луѓе. Едно истражување спроведено во САД покажало дека има само слабо покачување на чувството на осаменост кај постарите лица.
Автор: Стивен Џ. Бронер
Извор:
inverse.com