Од 2013 година таму веќе нема „берба на сол“ затоа што пумпите што ја воведуваа морската вода во системот за разлевање и кристализација се затворени. Затворањето на пумпите е резултат од хаосот што се случи по спроведувањето на неуспешната приватизација, по што следуваа и стечајна постапка и нерешен статус на една од десетте најголеми солани на Медитеранот.
А кога во базените на соланата нема доток на свежа морска вода, нема ниту храна за птиците кои на овој простор пронаоѓаат свое крајно прибежиште или Улцињ им е важно одморалиште пред да заминат на долг пат кон север или југ.
„
Соланата во Улцињ е најдобар пример во Европа како искористувањето на природата може да биде добро и за природата. Затоа што само ако ова подрачје економски се користи, се создава биодиверзитет на просторот на соланата“, вели оринтологот Дарко Савељиќ.
„Бензинска станица“ за птици
Судбината на соланата уште од времето на нејзиното создавање е нераскинливо поврзана со птиците.
По деталните истражувања на јадранскиот брег по налог на кралот Александар во 30-тите години од минатиот век, било пронајдено местото со највисок просек на сончеви часови годишно и најмногу тропски денови во поранешна Југославија.
Во неговото име – Зогајско Блато – се крие албанскиот збор „зог“, што значи „птици“.
На овие станари на мочуриштето, кои се постари и од соланата, особено им е важен принципот на работа на фабриката – базените се полнат со нефилтрирана морска вода во која се наоѓаат риби и други морски организми.
„На птиците им е лесно затоа што базените се плитки, па не мора да се мачат за да најдат храна. Тие се ’шведска маса‘ за птиците“, објаснува Савељиќ.
На оваа „птичја гозба“ најчести гости се фламингосите – елегантни станари кои традиционално живеат во солани. Има и пеликани, но и дождосвирни птици кои живеат покрај мочуришта. Сезонски им се приклучуваат и птици-преселници на кои улцињската солана им е последното одморалиште пред напорниот пат.
„Соланата е последната
бензинска пумпа каде што птиците ја обновуваат енергијата за напорниот пат преку Јадранското Море. До италијанскиот брег има околу 200 километри, а тие треба да имаат доволно сила затоа што немаат право на застанување“, заклучува тој.
Што ќе се случи ако ја нема соланата
Неуспешните и спорни приватизации на овие простори уништуваа човечки судбини, цели семејства, градови.
Кога станува збор за случајот со соланата во Улцињ, тука како жртви може да се додадат и ретките птици и целосната уникатна природа на тој крај.
За да може оваа „шведска маса за птици“ да опстои во својата природна функција, неопходно е пумпите константно да пумпаат свежа морска вода во базените.
Поради нерасчистените сопственички односи и правни лавиринти, од 2013 година тоа не се случува.
„За да се заштитат птиците, вие мора да пумпате морска вода затоа што тоа не може да биде прашање на природен прилив и одлив. А тоа значи дека мора да впумпувате морска вода, без оглед колку чини тоа“, истакнува Зенепа Лика, активистка која се занимава со заштита на соланата.
На иницијатива на амбасадорките од западните земји, пумпите беа вклучени во 2015 година, но тоа не беше конечно решение на проблемот.
Лика предупредува дека екосистемот на целото подрачје драстично се сменил – минатата година имало многу повеќе слатководни отколку морски птици.
Поради тоа, претставниците на здружението „Доктор Мартин Шнајдер Јакоби“ и Центарот за заштита и проучување на птици покренаа петиција за решавање на сопственоста на улцињската солана.
Потписите ќе бидат доставени до претседателот на Владата, Душко Марковиќ, од кого очекуваат поддршка. Поддршка на иницијативата ќе добијат и од официјален Брисел.
Во „Извештајот за напредокот на Црна Гора во 2015 година“, Европската Унија како еден од критериумите ја стави и соланата во Улцињ.
„Ние сме толку убави и единствени. Балканот навистина е чудо. А тоа чудо треба и да се заштити“, порачува Лика.