X
 27.07.2019 Живот

Дали сите Југословени можеле да си дозволат да одат на одмор на Јадранско Море?

Април 1988: На едно четиричлено семејство за 10 дена одмор на Јадранско Море во приватно сместување со оброци и такса за престој ќе му бидат потребни најмалку сто стари милиони! Превозот, кафето, соковите, сладоледот не се пресметани, а со оглед на тоа што ни претстои мајско „одмрзнување на цените“, не треба да се сомневаме дека и за тоа ќе биде потребна полно ќесе пари.

И Грција, досегашната Мека за југословенските туристи, стана недостижна, иако цените таму се дупло пониски отколку кај нас...

Кој сака својот годишен одмор летово да го помине на нашиот убав син Јадран, ќе мора да подготви вреќа пари! Само еднодневен престој на четиричлено семејство, и тоа на поскромен начин, ќе чини цела една просечна плата! Секако, без превоз и останати ситници како што се соковите, кафето, сладоледите, овошјето...

Вака накратко би можел да гласи извештајот за неодамна изминатата туристичка берза во Сараево, на која со години традиционално за првпат се соопштуваат цените за претстојната летна туристичка сезона. Од табелата може многу брзо и едноставно да се види што се ја сочинува споменатата цена. Меѓутоа, може да се види и дека нема хотелски цени. Лесно е да се каже причината.

Иако претставниците на одредени хотелиери и агенции нѐ убедуваа дека ценовниците ќе се појават најдоцна до крајот на април, склони сме кон неверување бидејќи очигледно е дека сите ја чекаат средината на мај и „одмрзнувањето“, па дури по поројот кој настанува секогаш по топењето на ледот и разните калкулации, да излезат на виделина. Кои ли ќе бидат тие цифри може само да се претпостави, но од овие веќе видените боли глава!

Но, за да добиете вистинска мигрена, ќе го споменеме и следниот детаљ: под табелата од речиси сите цени кои им се понудени на нашите широки народни маси стои напомена дека хотелите, туристичките агенции и туристичките организации го задржуваат правото на измена на цените.

Па сега, ко воли, нек изволи!

Пократок престој

Очигледно е дека на море ќе има значително помалку Југословени отколку лани. Животниот стандард, кој се спушти на ниво од пред 20 и повеќе години, го принудува секое просечно југословенско домаќинство повеќе од 70 отсто од приходите да ги потроши само на исхрана.

Од каде му тогаш стотици стари милиони за да оди на море, на летување? За падот на интересот отворено зборуваат и туристичките работници. Имено, ова лето на Јадранот се нудеа 20 милиони пансионски денови, а побарувачката е за четвртина помала.

Освен тоа, се намалува и бројот на денови кои домашните туристи сакаат да ги поминат на море, на помалку од девет. Ако се земе предвид и фактот дека и интересот на странците за нашата земја е помал бидејќи конкурентите од Медитеранот, Шпанците, Грците, Италијанците, Турците... нудат и за 20-30 отсто пониски цени од нашите, а многу поатрактивен одмор, тогаш навистина чудно е зошто не се понудило нешто поповолно за домашните гости. Особено ако се знае дека тие се тие кои секогаш ваделе костени од жар. Меѓутоа, по дознавањето на овие цени, се сомневаме дека тоа ќе може да го направи и ова лето.

Која е логиката, на пример, за употреба на кујна дневно по лице да се плаќаат 2.000 динари? На едно четирилчено семејство за 10 дена само за тоа му се потребни 80.000 динари. А дали за тоа време навистина се троши толку електрична енергија? Сигурно дека не, бидејќи кога станува збор за готвењето, тоа претежно се врши на шпорети на плин. Не веруваме ни дека постојано вклучениот бојлер за 10 дена може да „изгори“ толку електрична енергија, особено затоа што претставници на туристичките агенции ни кажаа дека од година во година сѐ повеќе туристи, кои се сместуваат приватно, се жалат дека газдите им ги исклучуваат бојлерите или велат дека се расипани, па се капат со ладна вода.

За цените за кревет и да не зборуваме, но мораме бидејќи сме сведоци дека повеќето газди не само што ги исклучуваат бојлерите, туку за 10-15 дена никогаш и не влегуваат во собите на гостите да ги исчистат или доброволно да ја сменат постелнината. Тоа го прават дури откако гостите ќе инсистираат, иако се должни секоја недела да ставаат чиста постелнина. А 30-40 стари милиони само за спиење за четиричлена фамилија навистина не се малку.


 Фото: Yugopapir

Без попуштање

Некој можеби ќе помисли дека цените, сепак, ќе бидат пониски ако нема доволно странци. Но, тоа е тешко да се очекува, нѐ убедуваат претставниците од туристичките агенции. Првпат официјално тие соопштија дека газдите не сакаат ни да чујат за пониски цени. Едноставно изјавуваат дека повеќе им се исплаќа собите да им бидат празни и по 15-20 дена, па потоа да примаат странци на само една недела бидејќи разликата во цената за домашните и странските гости е прилично голема.

Дури и Макарска, каде традиционално се одмараат најмногу Југословени и каде секогаш цените се најпристапни, овој пат не заостанува зад другите региони.

Најевтиниот пансион се нуди во селото Морињ во которскиот залив - 13.000 динари дневно по лице, но спиењето е во шатори.

Малку попристапни цени понудија одморалиштата на одредени работни колективи, но нивните капацитети се минимални.

Белградската агенција „Путник“ беше единствената на берзата во Сараево која понуди специјална програма за работните организации, баш имајќи ја предвид општата скапотија. Во собите од втора категорија, што значи една бања на 2-3 соби, во 12 помали места на море, таа нуди пансион во приватно сместување од 17 до 19 илјади динари дневно. Секако, овие цени важат дамо ако работната организација закупи сместување за одреден број денови.

Цените на хотелското сместување нема ни да ги споменуваме, не само затоа што многу малку од нив веќе ги истакнаа, туку и затоа што се астрономски. Минимален пансион е 30.000 динари, а се движи до 88.800 по лице дневно! Меѓутоа, ова сигурно не е највисоката цена бидејќи дубровничките хотели, кои главно имаат највисоки цени, сѐ уште не ги направиле своите калкулации. А и кога ќе ги направат, не мораат ни да ги соопштуваат на нашиот народ бидејќи тој сигурно нема да може да плати.

Колку ќе им биде тешко на домашните туристи во оваа општа скапотија говори и следното. Грција, ветената земја за Југословените и нивното летување во последните неколку години, исто така стана недостижна, иако цените на апартманите, по моментално важечкиот курс на доларот, се дупло пониски од нашите, а храната во однос на минатото лето поскапи само за 20 отсто.

Имено, во 1985 година во оваа соседна земја на летување биле половина милион наши сограѓани. Минатата година тој број изнесуваше 250.000. Колку ќе бидат годинава е тешко да се претпостави.

Сѐ на сѐ, лошо им се пишува на нашите луѓе ова лето и на своето и на туѓото море.

(Нада, 1988)
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот