Засадувањето дрвја во урбани места може да помогне во намалувањето на стресот и анксиозноста кај луѓето што живеат таму, покажува ново истражување спроведено во Германија. Според истражувачите, живеењето на оддалеченост од дури 100 метри од дрво може да биде доволно за да се намали потребата за лекови против депресија.
На истражувањето работеле докторката Мелиса Марсеј и научници кои сакале да видат дали урбаната флора може да влијае врз благосостојбата на жителите. Претходно, повеќе истражувања покажале дека може да се намали анксиозноста со поминување време во природа, а било покажано и дека времето во природа ја подобрува концентрацијата кај децата со нарушувања поврзани со вниманието.
Фото: Pixabay
Марсеј, која е професор по психологија на Универзитетот „Де Монфор“ во Лестер, анализирала податоци за лекови кои ги земаат речиси 10.000 жители на Лајпциг и ги споредила податоците со мапи од зеленило во градот. Резултатите покажале дека жителите што живеат поблиску до дрвја, во радиус од 100 метри од нив, земаат помалку лекови против депресија. Било откриено и дека ефектот е посилен во населбите во кои живеат граѓани со помалку примања.
Според Марсеј, засадувањето дрвја на улиците во урбаните средини може да биде природно решение за намалување на ризикот од депресија и треба да биде важен дел од урбаното планирање.
Откритијата на Марсеј и нејзиниот тим одат во прилог на повеќе приказни од минатото. Во еден случај, жителка на сиромашен дел од Балтимор забележала дека нејзиното ментално здравје значајно се подобрило по спроведување програма за засадување дрвја на улиците. Таа престанала да ги зема лековите против депресија, кои ги примала многу години.
Фото: Pixabay
Во Јапонија, пак, постои концепт за „
капење во шума“, што претставува навика за поминување време во природа.
Научници од Универзитетот на Мичиген препорачуваат да се поминуваат 20-30 минути во природа за да се видат позитивните ефекти, додека анализа спроведена од Универзитетот „Корнел“ покажала дека дури и 10 минути се доволни за да се чувствувате подобро.
На Шетландските Острови во Шкотска група доктори дури започнале да
препишуваат прошетки во природа за третирање ментални болести, дијабетес и други состојби.
Автор: Марк Мекорд
Извор:
weforum.org