Најновите анализи на промените што се случуваат на Антарктикот открија дека најладниот и најјужниот континент на Земјата изгубил три милијарди тони лед во изминатите 26 години.
Осумдесет научници од целиот свет, кои користеле заеднички процени на масата и губитокот на лед во периодот меѓу 1992 и 2017 година, пресметале дека нивото на светското море во изминатите 26 години се зголемило за 7,6 милиметри. Иако ова не звучи како многу, она што всушност загрижува е забрзаното топење на ледот на Антарктикот.
Пред 2012 година годишната стапка на губење лед на Антарктикот беше околу 76 милијарди тони, што претставува годишен придонес од 0,2 милиметри за зголемување на нивото. Но, по 2012 година доаѓа до забрзано зголемување, кое ја зголеми годишната стапка на губење лед на 219 милијарди тони, а годишното зголемување на нивото на морето на 0,6 милиметри.
- Антарктикот денес предизвикува зголемување на нивото на морето повеќе од кој било момент во изминатите 25 години. Овие податоци мора да претставуваат загриженост за владите во кои веруваме и кои треба да ги штитат нашите приморски градови и заедници - вели Ендрју Шефер, научник од Универзитетот во Лидс.
Губењето на ледот најмногу произлегува од брзото топење на ледот на западниот дел од најстудениот континент. Западниот дел од Антарктикот веќе одамна покажува знаци на нестабилност и можно распаѓање на глечерот.
Компјутерски модел потврди дека би биле потребни околу сто години за зголемување на нивото на морето за три метри доколку се стопи западниот дел на
Антарктикот.