Финска е светски лидер во обезбедувањето на идните образовни вештини, покажува Светскиот индекс за образование на иднината, а веднаш по неа е Швајцарија.
Двете земји се истакнуваат во категоријата политика на околината, особено во смисла на формулирање стратегија за идни вештини, периодичен преглед на стратегијата и поддршка на идните обуки за вештини.
Извештајот ги разгледува политичките иницијативи, наставните методологии и социо-економските опкружувања во 50 земји. Петте најлошо рангирани земји се Египет, Нигерија, Алжир, Иран и Пакистан.
Живееме во ера која сè повеќе е дефинирана со промени - во однос на брзината и ширењето. Голем број стартап-бизниси, искористувајќи ја моќта на технологијата, успешно му ставија крај на статус квото од сектор до сектор. Тука е „Амазон“, кој ја нарушува продажбата на книги и стана најголема светска книжарница, пред да ја наруши самата книга со создавањето масовни е-читатели и потрошувачка на електронски книги. Неодамна „Убер“ успеа да го редефинира такси-секторот, а во финансискиот свет технолошките компании го променија начинот на кој луѓето управуваат со своите пари.
Фото: Reuters
Но, следниот бран на промени ќе има подлабоки ефекти, поради што е важно националните влади да почнат да користат соодветни политики. Како што стојат работите, според авторите на извештајот, образовните системи во повеќето земји не се направени за на новата генерација да ѝ дадат вештини што им се потребни.
Дел од предизвикот со кој се соочуваат едукаторите е тоа што технолошките промени ќе бараат вештини што не ги содржат наставните програми и настава. Емоционалната интелигенција, креативното размислување и соработката се само три главни способности што ќе бидат потребни, но кои не можат лесно да се научат во традиционалната средина во училницата.
Ова брзо темпо на технолошка трансформација, често наречено Четврта индустриска револуција, се базира на пакет технолошки развој што вклучува автоматизација, вештачка интелигенција, интернет на нештата, фузија на генетичка наука со биотехнологија и постојан пристап до податоци.
Извештајот ја нагласува важноста на учењето на јазикот и улогата на вештачката интелигенција како наставни помагала во училницата. Но, исто така, истакнува дека многу од клучните елементи на идното учење на вештини ќе се одвиваат надвор од училницата. Во САД и во Обединетото кралство воннаставните клубови за ученици од основно и средно се поврзани со докази за поголемо присуство и подобри академски резултати. Придобивките се гледаат во сиромашните области, особено во училиштата со слаб успех.
- Во истражувањето, британските експерти открија дека присуството во такви клубови е поврзано со позитивни академски и социјални резултати, особено за децата со пречки во развојот. Наодите укажуваат на тоа дека децата што учествуваат во организирани спортски и други физички активности имаат подобри социјални и емоционални вештини од оние што не учествуваат.
Додека многу аспекти на животот се променија и станаа речиси непрепознатливи, училниците малку се промениле во период од 200 години. Учениците седат во клупите, а пред нив стои наставник, подготвен да ги пренесе фактите; предизвик за наставниците ќе биде да се одржува чекор со темпото на промените.
- Ажурирањето на наставната програма треба секогаш да биде на агендата. Но, уште поитно е да се инвестира во промената на однесувањето на наставниците и подобрувањето на она што се случува во
училницата - вели Џејми Саведра од Светската банка.
Tоп 10. земји што се лидери во учењето вештини за иднината
1. Финска
2. Швајцарија
3. Нов Зеланд
4. Шведска
5. Канада
6. Холандија
7. Германија
8. Сингапур
9. Франција
10. Велика Британија