X
 24.12.2019 Здравје

Најлошите празнични навики со кои си го нарушувате здравјето

Секоја година се зголемува бројот на заболени од инсулинска резистенција, дијабетес тип 2, срцеви заболувања, хипертензија, висок холестерол и рак. Некои од нив се резултат на стилот на живот, а празниците се период кога грижата за здравјето не е ни на списокот на она што мораме да го правиме.

Затоа издвојуваме неколку празнични навики со кои му штетиме на нашето здравје.

Недостиг на овошје и зеленчук

Најчестата грешка што ја правиме во текот на празниците се однесува на исхраната. Имено, празничните трпези во текот на празниците претежно се полни со храна полна со масти, а ретко има овошје и зеленчук.

Алкохол со секој оброк

Коктелите со голема количина на шеќери или, пак, темни и тешки пива наместо полесни и помалку калорични видови се избор на многу луѓе за празниците. Истовремено, склони сме и да испиеме голема количина.

Недостиг на активности и свеж воздух

Дали поради лошото време, недостигот на волја или вишокот храна, во текот на празниците сме склони кон минимална активност, а таквата практика дефинитивно не е добра за нас.

Неодбивање храна

Контролата во текот на празниците ни е непознат збор, а и посклони сме кон грешки кога ни се нуди нешто. Но, треба да знаеме кога е доста, ама и тоа е тешко бидејќи во овој период не водиме сметка за бројот на дневни оброци, па јадеме веднаш откако сме јаделе.

Нема оброк без десерт

Големиот број на колачи е непресушен извор, па склони сме да изедеме нешто по секој или помеѓу секој оброк.

Фото: Unsplash

Не е битен видот на месо

Месото за празниците е подготвено на различни начини, а оброците доаѓаат и во сите видови месо, но бидете свесни дека пилешкото, свинското и говедското содржат просечно 23-41 отсто масти, а на 100 грама месо доаѓаат дури 80 мг холестерол.

Нема празници без стрес

Фамилијарните дружења се стресни, но таквите ситуации се штетни за здравјето, па оваа година воздржете се од ситуации што би биле штетни за вас.

Нерамнотежа во исхраната

Избегнувањето на појадокот за да можете да изедете што е можно повеќе за вечера, а потоа консумацијата на големо количество храна пред да си легнете, е многу штетно. Имено, долгата пауза меѓу оброците го забавува метаболизмот, а доцните оброци водат до дебелеење, но и до притисок на срцето и воспаление на целото тело.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје