X
 15.11.2021 Живот

Масовно се вакцинираа, носеа маски и имаа ковид-потврди, а сега пак се соочуваат со заклучување

Се чини дека Холанѓаните се помириле со релативно строгите мерки наметнати од тамошните власти, тврдејќи дека се обидуваат да ја потиснат епидемијата на коронавирусот, пишува новинарката Ана Холиган за Би-би-си. во извештај од Амстердам. Иако демонстрантите против мерките и вакцинирањето се собираат и фрлаат пиротехнички средства врз полицајците, тие претставуваат малцинство во холандското општество, тврди новинарката.

Повеќето луѓе неволно се согласуваат дека е неопходно да се жртвува дел од општествениот живот за да се придонесе за целата заедница.

Холандската Влада најави благо заклучување, чија цел е намалување на социјалните контакти, како одговор на наглото зголемување на бројот на новозаразени. Рекордни 16.324 нови случаи се регистрирани за еден ден, а бројките се многу високи секој ден, и покрај огромната стапка на вакцинација, која достигнува речиси 85 отсто од возрасната популација.

Сепак, експертите не се сигурни дека мерките за затворање, кои вклучуваат работа на кафулињата само до 19 часот, се добри за заедницата.

- Мислам дека мерките најмногу ги погодуваат младите - вели младата научничка Саскиа Хејстер, која додава дека е загрижена за своето ментално здравје.

- Моето истражување може да биде многу стресно и во текот на последното заклучување ми беше тешко да се навикнам на ситуацијата. Навистина ми е драго што можам да одам на кафе и да не се чувствувам како да правам нешто незаконско - рече таа, иако одењето во кафуле едноставно не е сосема можно бидејќи е забрането без потврда за ковид-19.

Во едно кафуле новинарите го среќаваат Нил Бо Финлејсон, кој пие пиво.

- Луѓето се навикнати на заклучување и тоа е многу фрустрирачко за мене. Ми се чини дека само одиме од заклучување во заклучување. Особено е тешко кога знаеме каков може да биде животот, но јавната безбедност е на прво место и само треба да го направите она што е потребно. Мерките не се толку драконски и ќе се приспособиме на нив - вели тој.

И младата Натасја е загрижена дека мерките ќе остават последици врз нејзината психа.

- Менталното здравје треба да се третира исто како и физичкото и ние, младите, сме најмногу погодени од мерките - вели таа и признава дека се плаши од осаменост доколку мерките се пролонгираат над планираните три недели.

кафуле
Фото: Freepik

Холандија во голема мера беше критикувана за нејзиниот наводно премногу релаксиран пристап кон корона-кризата. Таа беше меѓу последните во светот што воведе обврска за носење заштитни маски, а најбавна во Европа за спроведување програма за вакцинација. Но, единиците за интензивна нега почнаа брзо да се полнат, а германските болници издадоа предупредување дека повеќе нема да примаат нови пациенти од Холандија, па властите мораа да воведат строги мерки. Новите ограничувања се нарекуваат „делумно заклучување“ затоа што животот ќе остане непроменет за повеќето граѓани во текот на денот.

Кафулињата и рестораните можат да продолжат да работат под услов гостите да имаат дигитални сертификати, додека оние што само земаат храна на влезот ја немаат оваа обврска. Спортските настани може да се одвиваат непречено, но без гледачи. Угостителските објекти се затвораат во 19 часот, но оваа мерка не важи за културно-уметнички установи, како театри, кина и концерти. Ова, се разбира, доведе до саркастични објави од Холанѓаните кои се прашуваат дали новите мерки значат дека коронавирусот се шири само откако ќе се стемни.

Како што се очекуваше, самата најава за новото заклучување доведе до метеж во супермаркетите, при што најмногу се купуваше  пиво. Мерките, пак, ги обесхрабруваат куќните забави и секое домаќинство смее да биде домаќин на најмногу четири лица дневно, но на сите им е јасно дека е невозможно полицијата да го контролира ова. Исто како и минатиот пат кога беа затворени баровите и рестораните, жителите на Хаг веќе прават приватни собири за да не бидат осамени. Затоа постои ризик мерките да го зголемат ширењето на вирусот во домаќинствата, а токму овој начин на пренос, според владините статистики, е одговорен за значителен дел од бројот на заболени.

Леополд Бас Свиленс, менаџер на кафуле, смета дека угостителите биле неправедно казнети.

- Правиме сѐ за безбедноста на нашите гости. Ги проверуваме дигиталните сертификати, опслужуваме само гости што седат, многу сме внимателни. На домашните забави никој не се придржува до ниту една од овие мерки, а ние сме казнети и одговорни за ширење на инфекцијата - вели тој.

Претприемачите во најмалку четири града најавија дека ќе ги игнорираат новите мерки, но прашање е што ќе биде со нив доколку навистина го направат тоа. Клубовите и рестораните во Белгија и во Германија веќе бележат рекорден број резервации од Холандија. Најголема фрустрација од новите мерки владее кај оние што се вакцинирани, носат маски и држат дистанца. Тие веруваа дека ова е доволно за да водат нормален живот за време на четвртиот бран на епидемијата. Околу 84 отсто од возрасната популација се вакцинирани, додека повеќето пациенти што моментално се во холандските болници не примиле ниту една доза. Сепак, строгите мерки стапуваат во сила.

Многумина укажуваат на можноста дека воведувањето 2Г-сертификати, кои ќе бидат достапни само за вакцинирани лица или оние што неодамна закрепнале од ковид-19, ќе доведе до поделба во општеството. Иако Холанѓаните релативно лесно се приспособуваат на сите мерки, сите се прашуваат до кога ќе трае сето ова.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот