X
 15.11.2024 Наша тема

Алтруизмот и емпатијата го красат добриот лекар, вели д-р Тара Мојсовска, специјализант по хематологија, која остана да ги лекува хематолошките пациенти во Македонија

Тара Мојсовска е автор и коавтор на стручни трудови објавени во научни списанија, учесник на повеќе стручни настани во земјава и во странство, а годинава и на конгресот на SOHO (Здружение за хематоонкологија) во Хјустон, Тексас - САД, во организација на MD Anderson, болницата која е број еден во светот од областа на истражувањето и третманот на малигните болести

Иако ѝ понудиле да работи во Барселона, се вратила дома зашто сакала да ги лекува луѓето во својата родна земја. Вака одлучила лекарката Тара Мојсовска уште пред десетина години кога била студент по медицина и отишла на студентска размена во Шпанија. Таа е дел од младите лекари во државата кои одучија нивните знаења да ги вложат во Македонија во време кога емиграцијата, особено на здравствениот кадар, е огромна. Покрај тоа, Мојсовска е специјализант по хематологија, област од медицината од која во државата има дваесетина специјалисти и супспецијалисти и сите работат во главниот град Скопје. Во градовите од внатрешноста нема здравствени одделенија или служби кои лекуваат хематолошки пациенти, па тие се препраќаат во Скопје.



Живот посветен на изучување на медицината

Мојсовска е специјализант по хематологија, инаку вработена на Универзитетската клиника за хематологија од 2018 година и асистент на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од 2021 година. По завршувањето на интегрираните студии по општа медицина (прв и втор циклус на студии), се запишала на втор циклус студии по јавно здравство и ги положила испитите со континуиран просечен успех 10. Периодов ѝ претстои одбрана на магистерска теза. Паралелно се одвива и нејзината специјализација, како и докторските студии по хематологија.

- Отсекогаш се зборувало за медицина околу мене. Мојата мајка е доктор специјалист анестезиолог, во поширокото семејство имам повеќе роднини доктори и медицински сестри. Во текот на образованието учествував и освојував први награди на натпревари по биологија, а се истакнував и со знаењето по хемија. Алтруизмот и емпатијата биле составен дел од мојот карактер, а тоа се особини кои го красат добриот доктор - вели Мојсовска.

Дел од тимот за трансплантација на коскена срцевина

Универзитетската клиника за хематологија каде што работи Мојсовска е единствената здравствена установа во земјава каде што се спроведува здравствена дејност на терцијарно ниво и се изведува образовна и научноистражувачка дејност од областа на хематологијата. Таа е дел од Универзитетскиот клинички центар - Комплекс клиники „Мајка Тереза“ - Скопје.



- Кандидатите што претендираат да се вработат, освен исполнување на општите услови предвидени со Законот за здравствената заштита, треба да поседуваат важечка лиценца за работа како доктор, да имаат постигнато просечен успех од најмалку 8 во текот на студиите, да поседуваат меѓународно признат сертификат за познавање англиски јазик (најмалку Б2 ниво), активно да познаваат компјутерски програми за канцелариско работење. Учеството во научноистражувачки проекти и публикуваните научни трудови, како и поседувањето солидни интерперсонални, комуникациски и организациски вештини, се сметаат за предност - вели Мојсовска.

Во текот на нејзината специјализација по хематологија, таа имаше можност да биде и дел од тимот за трансплантација на коскена срцевина/хематопоетски матични клетки од сроден и од несроден донатор, што за млад доктор како неа е огромно искуство.

- Потоа, пациентите беа следени посттрансплантационо и најголем предизвик беше справувањето со болеста калем против домаќин. Заедно со колегите имавме обука од странски експерт за изведување на процедурите - афереза и фотофереза на периферни матични клетки. Исто така, имав можност да работам во сала со поискусните колеги при харвестрирање (собирање и колекција) на коскена срцевина. Актуелно сум распределена на одделот за индукциона хемотерапија и изолација - додава Мојсовска.



Нејзин труд избран за постер-презентација во Лондон

Досега била вклучена во многу проекти од областа на здравство, меѓу кои и меѓународни истражувања на детското здравје, за што објавила и свои трудови.

- Презентирав постер во Хелсинки, а мојот труд беше избран за постер-презентација во Лондон каде што бев наградена за своето учество. Од областа на хематологијата, јас сум автор и коавтор на повеќе стручни трудови објавени во научни списанија и сум била учесник на повеќе стручни настани во земјава и во странство. За одбележување е моето годинашно учество на конгресот на SOHO (Здружение за хематоонкологија) во Хјустон, Тексас - САД, во организација на MD Anderson, болницата која е број еден во светот од областа на истражувањето и третманот на малигните болести - додава таа.

И покрај успехот во професијата, остана да работи во Македонија

- Искуство што никогаш нема да го заборавам е мојата студентска размена во Барселона, на одделот за торакална хирургија пред десетина години, кога бев студент на шеста година. За секој студент на медицина, предност е да се запознае со функционирањето на друг здравствен систем и да направи споредба. Во болницата ми понудија да работам кај нив, ако тоа е и моја желба. Јас сакав да работам во Македонија, да ги лекувам луѓето во Македонија. Последниве две години, откако се роди ќерка ми и како минува времето, со сопругот често ја преиспитуваме одлуката што сме ја донеле за да останеме тука. Животот носи многу предизвици, а и времето во кое живееме сега се разликува од времето во кое растевме. Сестра ми е асистент на факултетот за општествени науки во Љубљана, каде што и живее со нејзиниот сопруг Словенец. Често ја посетувам Словенија, а последниве години, заедно со Германија и Шведска, таа е една од најатрактивните земји за живеење и работа на докторите од Македонија. Сепак, засега останувам да живеам и да работам во Македонија - вели младата докторка.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема