Можеби во мислите веќе се наоѓате на работно место кое го сакате или на патување од соништата, но реалноста е дека пред вас е испитната сесија.
Учењето, предавањата и повторувањето се задолжителни доколку сакате да положите испит, но научниците откриле уште еден лесен трик кој ќе ви помогне да дипломирате побргу, и тоа со затворени очи.
Психолозите од Универзитетот во Синсинати откриле дека учениците и студентите кои медитираат имаат подобри резултати на тестовите со помнење отколку оние кои не медитираат. Исто така, учениците кои практикуваат јога забележиле малку подобри резултати, додека оние кои вежбаат во теретана не забележуваат подобри резултати.
Истражувањето покажало дека медитацијата е директно поврзана со подобрите оцени. Концентрираното медитирање го извлекува најдоброто од мозокот: го смирува и го подобрува фокусот, поради што личноста се фокусира на сè што се случува во сопственото тело. Целта на ваквата медитација е намалување на стресот.