X
 13.02.2016 Култура

Јована Арсоска, младата пијанистка која го освои Белград

Единаесетгодишната Јована Арсоска од Битола е младата пијанистка која го освои Белград и стана меѓународниот првак на клавир на натпреварот „Даворин Јенко“, кој се одржа минатата недела во Белград. Јована се натпреваруваше во конкуренција со 30 млади пијанисти од Балканот и други евроспки земји, и успеа да ја освои првата награда.

 

1


Факултети: Од кога ја започна дружбата со музиката?

Јована: Дружбата со музиката ја започнав уште од мојата шеста година кога се запишав во основното музичко училиште и всушност од тогаш започнав да свирам клавир. Секоја година станував се` подобра во она што го свирев и работев, и заедно со мојата професорка Јана Четелева Белевска се пријавувавме на државните натпревари во Скопје. Секоја година освојував први, втори или специјални награди, и по клавир и по солфеж.

Факултети: Како се роди љубовта кон музиката?

Јована: Можам да кажам дека љубовта кон музиката во мене се роди уште од самото мое раѓање. Отсекогаш сакав да пејам, да играм балет, меѓутоа мојата мајка беше таа којашто беше иницијатор да се запишам во Нижото музичко училиште за моето хоби да прерасне во нешто поголемо.

Факултети: Каков е еден ден во животот на младата Јована? Колку време му посветуваш на вежбањето клавир и кои се твоите останати секојдневни обврски?

Јована: Секој ден се одвива со исто темпо, одам на училиште, се враќам од училиште, и нормално дека морам да одделам одредено време кога треба да вежбам клавир, и морам да ги надополнам трите часови коишто ми се потребни за да ја совладам материјата. Гледам обврските да ми бидат усогласени и најчесто си ги делам на два дела. Иако клавирот е она со кое сакам да продолжам да се занимавам и понатаму во животот, сепак не сум поштедена ниту од училиштето ниту од училишните обврски, ниту од англиски, ниту од хор и секакви други активности, па освен трите часа вежбање клавир, како и секој друг мој соученик и јас пишувам домашни, ги учам лекциите и вежбам за тестовите.

 

2


Факултети: Кога беше твојот прв настап на натпревар и дали можеш да издвоиш некој од твоите поважни настапи?


Јована:
Со самото запишување во музичкото училиште и самото започнување да свирам на клавир, секоја година има концерти организирани од самото училиште. За овие концерти јас се подготвувам во текот на целата година. Всушност, можам да кажам дека не само што се подготвувам цела година туку и од самото започнување да свирам на клавир, јас континуирано вежбам со професорката за да го совладам материјалот. Секоја година, односно секое полугодие учествувам на минимум четири настапи и дополнително на тоа, секоја година во април се пријавуваме на државниот натпревар организиран од музичкото училиште во Скопје. Искрено не би можела да издвојам поважен настап затоа што секоја година освојувам добри награди - прва награда, втора награда и специјални награди. За сите шест години имам добиено седум дипломи.

Факултети: Ајде малку повеќе за настапот во Белград. Каков вид на настап е, и од кој е организиран?

Јована: Станува збор за меѓународниот натпревар „Даворин Јенко“ кој минатата недела се одржа во Белград, а беше во организација на организаторите од училиштето „Даворин Јенко“ во Белград. На натпреварот ги отсвирив нумерите „Sonata“ од Моцарт, „Waltzer“ од Шопен и „3 пиеси“ со кои го освоив првото место во категоријата А, соло клавир. Комисијата која оценуваше на натпреварот беше составена од врвни пијанисти кои потекнуваа од Србија, Хрватска, Словенија, Чешка, Австрија, Италија и Македонија.

 

2


Факултети: Колку си задоволна од твојата професорка и нејзиното менторство?


Јована: Јас сум во класата на професорката Јана Четелева Белевска која веќе пет години е професорка во музичкото училиште во Битола. Таа магистрира и работеше како асистент на Универзитетот на Јужна Флорида во Америка. Нејзиното знаење, нејзината трпеливост и љубов кон музиката споени со мојот труд и посветеност успеавме да постигнеме навистина многу и ми е голема чест што имам можност да соработувам токму со неа.

Факултети: Која е твојата најголема мотивација?


Јована: Мојата најголема мотивација се разбира, пред се` се наградите, освоените места, концертите и постигнатиот успех. Тие ми даваат најголема стимулација за понатамошна работа.

Факултети: Каква порака би им испратила на твоите врсници и соученици?


Јована: Би сакала да им порачам дека не е е се` во шетањето; не го трошете времето непотребно. Работете напорно - иако некогаш вашето дело нема да биде наградено ниту пак ќе добие признание, сепак тоа не е причина да се откажете. Најважна е вашата мотивација, упорност и посветеност и секако поддршката од најблиските.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура