X
 08.04.2016 Здравје

Кога е вистинско време да побарате помош од психолог?

Често, потиснувањето и нерешавањето на проблемот може да предизвика и физички симптом, па така да имаме хронична главоболка, да развиеме чир на желудник, нервозно црево, опстипација или диареа или пак да развиеме депресија, анксиозност или некое друго ментално заболување, вели Марија Стефанова, психолог, психотерапевт, специјалист по менаџмент на човечки ресурси од Психолошкото советувалиште и консултативно-едукативниот центар „Петар Пан“ од Скопје Вистинско време да посетите на психолог е моментот кога чувствувате негативни промени во расположението, имате намалена концентрација или толеранција, а тоа трае подолго од три недели. Потиснувањето и игнорирањето на проблемите може да предизвикаат и физички болести, вели Марија Стефанова, психолог, психотерапевт, специјалист по менаџмент на човечки ресурси од Психолошкото советувалиште и консултативно-едукативниот центар „Петар Пан“ од Скопје. Со неа разговараме за нашите навики да посетиме психолог, за уривање на табуата, за проблемите што ги мачат Македонците на возраст од 20 до 40 години.



Според Стефанова, одењето на психолог и водењето грижа за менталното здравје во услови кога луѓето се соочуваат со нови предизвици, донесуваат важни одлуки или се несигурни и уплашени од нови животни улоги, кога се соочуваат со лична нефункционалност и криза во одредени фази во животот, е потреба.

- Се разбира дека не е толку честа како потребата за одење на стоматолог или општ лекар, но сепак во текот на животот сите ние се соочуваме со таква потреба. За жал, кај нас се уште не е развиена свесноста за таа потреба до ниво кое значи ослободеност од сите табуа. Но, за разлика од пред десетина години, кога јас почнував со мојата пракса, се забележува тенденција на ослободување и зголемување на свесноста за потребата од посета на психолог – вели Стефанова.

Опасноста од потиснати проблеми

Според неа, најчесто за помош се обраќаат родители кои се советуваат за потешкотиите во воспитувањето на сопствените деца. Но, доаѓаат и оние кои се борат со различни нереални стравови, социјална анксиозност, намалена самодоверба или се соочуваат со загуба и слично.

На прашањето со какви проблеми најчесто се соочуваат нашите граѓани на возраст од 20 до 40 години, таа одговара дека станува збор за клучна возраст кога се реализира една личност.

- Во периодот од 20 до 40 години луѓето влегуваат во различни улоги, некои од нив за прв пат ги реализираат. По прв пат професионално се реализираат, понатаму се реализираат, професионално, како брачни партнери, родители итн. Сите овие улоги носат одговорност за која треба одредена подготвеност. Од начинот на справување со сите овие улоги, ќе зависи и задоволството и чувството на реализација и исполнетост.

Но, често влегувањето во нови ситуации и улоги, посебно кога личноста не е подготвена за тоа, носи со себе одреден потенцијал за влегување во криза. Затоа, проблемите со кои се соочуваат луѓето на оваа возраст се од различна природа – објаснува Стефанова.

Според неа, вистинско време за посета на психолог е секогаш кога ќе почувствуваме негативни промени во расположението, концентрацијата, толеранцијата или кога ќе почувствуваме дека од која било причина, на кое било поле функционалноста е намалена и сето тоа трае подолго од три недели.

- Понекогаш се случува да ослабат одредени механизми на одбрана на личноста, особено ако долго време ги користиме, а не се соочуваме со проблемот и не се занимаваме со негово решавање. Тие механизми можат да ни завршат работа краткорочно, но не и ако ги користиме долгорочно. На пример, долгорочно го потиснуваме или негираме проблемот. Често, потиснувањето и нерешавањето на проблемот може да предизвика и физички симптом, па така да имаме хронична главоболка, да развиеме чир на желудник, нервозно црево, опстипација или диареа или пак да развиеме депресија, анксиозност или некое друго ментално заболување – вели Стефанова.

Онлајн советување

Од неодамна Центарот нуди и онлајн советување. Според Стефанова, тоа се наметнало како потреба, особено за клиентите со кои процесот на психотерапија бил почнат и требало да се прекине поради нивно заминување од градот.

- Но, се покажа како успешен модел и за оние луѓе кои живеат во другите градови низ Македонија па немаат секогаш можност да патуваат само за да посетат психолог. Се разбира дека личниот контакт е најдобро да се одржи во текот на психотерапискиот процес, но некогаш нема услови за тоа. Затоа постои оваа услуга. Сепак, првите сесии треба да се направат во живо, токму поради создавање на добар контакт, како предуслов за успех во психотерапијата. Онлајн сесиите се реализираат на „скајп“, со вклучена камера, при што се овозможува непрекината комуникација, вербална и невербална. На овој начин успехот во терапијата е подеднаков како и при непосреден, личен, контакт. Овој начин на психотерапија е добар и соодветен само за оние кои се физички оддалечени од овде. Тие што се во непосредна близина, подготвеноста да направат нешто за себе ја покажуваат и на начин што успеваат да најдат време, посебно затоа што динамиката на работа е една сесија неделно – објаснува Стефанова.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје