X
 19.08.2016 Живот

Јазиците кои ги зборувате ви го менуваат погледот кон светот

Луѓето што зборуваат два јазика имаат повеќе бенефити: поголем избор за работа, подобри когнитивни способности, дури и се заштитени од заболување од деменција. Најнови истражувања покажале дека јазиците што ги познаваме го менуваат и погледот кон светот.

 

јазик

 

Многу докази укажуваат на големи придобивки од говорење на два или повеќе јазици. Всушност, користењето на два или повеќе јазици истовремено е еден вид на тренинг, при што мозокот се учи да биде флексибилен, исто како што од физичките вежби телото има слични придобивки. Оваа ментална флексибилност особено е исплатлива во подоцнежните години од животот, особено во поглед на заболувањата како деменција или Алцхајмерова болест.

 

Во истражувања што се направени со луѓе што говорат англиски и германски јазик се дошло до заклучок дека говорителите на германски јазик се со тенденција да гледаат на настанот како целина, додека говорителите на англиски јазик се фокусирале само на дејството. На учесниците им биле прикажани видеа на настани со движење во нив, како на пример жена што се движи кон автомобил, или велосипедист што вози кон супермаркет и истите имале за задача да ги опишат сцените. Учесниците со германски мајчин јазик го опишувале дејството, но и целта на истото: жена се движи кон својот автомобил, или велосипедист се движи кон супермаркетот. Учесниците што зборувале само англиски јазик го опишувале само движењето, на пр. жена се движи.

 



Истражувачите велат дека ова резултат на различните граматички алатки: англискиот бара да се нагласат дејствата што траат (пр. playing), што не е случај со  германскиот јазик. Исто така, според истражувањата, нивото на познавање на јазикот имало улога во тоа колку учесниците биле фокусирани и на целта.

 


Притоа, се дошло до заклучок дека резултатите се исти или слични ако учесникот го говори јазикот, без разлика кој е мајчин јазик. Така, ако англискиот е мајчин јазик, но учесникот говори добро германски јазик, тој бил исто толку фокусиран на целта во задачите со видеата како и учесниците со мајчин германски јазик.

 


Многу велат дека кога зборуваат на друг јазик се чувствуваат како други личности и дека кога се изразуваат емоции на друг јазик, тие имаат поинаква длабочина. Исто така, се смета дека на втор јазик се прават порационални економски одлуки.

 


Значи, јазиците што ги зборувате навистина може да имаат влијание врз начинот на кој размислувате.

Подготвил: Марта Димитров

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот