И неколку недели после страшните поплави во скопскиот регион кои однесоа и човечки животи, една голема екипа на волонтери неуморно, храбро и посветено сè уште им помага на настраданите. Јасмина, Ане, Весна, Симона, Ирина, Марга, Биле, се само дел од хуманите жени кои ги оставија своите секојдневни обврски и уште од првиот ден после поплавите, собираат и доставуваат донации од храна хигиенски средства, облека, лекови и покуќнина директно во домовите каде таа е најпотребна. Оваа група на граѓани преку фејсбук групата „Хумантирна помош за поплавените семејства во Скопје“ се информираше каде и што е потребно да се достави, со што избегнуваа злоупотреба на помошта од македонските граѓани. Списоци, мапи, направија функционален систем за никој да не остане без потребната помош. Факултети мк. разговараше со Биљана Милошевиќ и Јасмина Арсова кои ни раскажаа што доживеале на терен и како целата група хуманитарци
сè уште се справува со предизвиците.
Биљана Милошевиќ е веќе позната хуманистка која организираше безброј настани во текот на овие години за помош на деца, самохрани родители и социјално загрозени семејства. Вели дека со хуманитарна работа е активна од мала, им помагала на родителите кога носеле пакетчиња и облека по домовите за деца без родители. Активна јавно по социјалните мрежи е неколку години.
- Најлесен и најбрз начин да дознаеш каде е потребна помош е токму Фејсбук. Тука запознав многу луѓе кои се слични на мене и се спријателивме со една цел - низ дружба да помагаме на оние на кои им е најпотребно. За жал, се случи поплавата. Не знам точно да кажам како се споивме сите, но знам дека коцките се споија сами и испаднавме најдобриот тим на жени. Не ги менувам за ништо на светот. Јасмин, Ане, Весна, Симона, Ирина, Марга. „Ѕверки сте“ ! Не има Македонки,Србинки, Албанки. Ние функционираме како едно. Делиме сè што имаме. Парче леб го делиме сите горе на терен. Таму е ужасно. Насекаде тажни лица, гладни и жедни дечиња и стари луѓе. Сè што граделе со години, за неколку часа го снема. Колку и да си силен психички - ќе пукнеш. Една наша волонтерка колабираше додека возеше. Среќа, добри луѓе ја виделе и веднаш повикале брза помош. Забораваме да јадеме и да спиеме. Си одевме накај 2 часот наутро, само да се избањаме, да каснеме нешто колку да собереме сила и пак назад. Благодарение на нашиот хуман народ собравме многу донации. Вода, храна, средства за хигиена, пелени...Многу граѓани ги отворија своите домови за настраданите. Имаме и случаи каде ни донираа наши граѓани од странство. Тука ќе ги спомнам Ангела и Ивона. Фала ви девојки што далечината не ви беше пречка да помогнете на нашиот народ. Ви благодарам на сите што одвоивте од вашата трпеза за да помогнете на настраданите. Секоја донација ни беше злато вредна. За државата и институциите нема да коментирам многу. Само ќе кажам, ако си ја вршеа правилно работата немаше насекаде да има пунктови и такви како нас да помагаат. Ќе имаше ден, можеби два и толку. Но не жалам за ниту една минута помината таму горе. Таму беше собрана целата љубов на овој свет. Таму беше целата надеж за подобро утре. Таму требаше да биде секој од нас. Да подаде рака на својот народ - вели Милошевиќ.
Нејзината пријателка Јасмина Арсова е исто така секогаш подготвена да помогне таму каде што е најпотребно. Таа уште вечерта кога се случи поплавата решила дека следниот ден ќе појде таму.
- Почнав да следам на Фејсбук и видов апел за помош утрото, потоа видов информација дека патот на обиколницата кај Смилковски езеро е затворен, дека езерото е излеано и дека нема како да се пристапи до луѓето. А гледав дека постојано молат за основни средства. Не издржав, ја запалив колата и појдов кон обиколницата, имаше многу полиција и ги прашав дали можам да стасам барем во близина на Стајковци им раскажав за луѓето како молат и ми дозволија да се упатам кон Стајковци со 4 жмигавци и да возам многу внимателно бидејќи само во еден правец функционираше обиколницата. И така почна сè, доволно ми беше тоа за да побарам број на девојката Сања која побара помош за вода и храна и свеќи и каде да се најдеме - раскажува Арсова.
Фејсбук групата
„Хумантирна помош за поплавените семејства во Скопје“ се формираше ден два после поплавата и се покажа како вистински информатор како за настраданите граѓани, така и за волонтерите поради поголема прегледност на работата. Арсова се сеќава дека ги објавила фотографиите во една од групите и исто како и другите почнале да се информираат меѓусебно каде може да се помине каде не, каде треба помош.
- И ете до каде стигна работата, излезе дека социјалните мрежи и искрениот и хуман народ ја завршија најголемата работа во вистинскиот момент. На терен се соочувавме буквално со сè. Нема ден а да не се избезумиш особено ако си постојано на терен. Има напади, закани, плачења, лешеви, колнења, осуди, пресуди, но и многу благодарни души, многу искрени срца и премногу тажни судбини и лица. Видов буквално сè, дури и не сум сè уште свесна што се преживуваме таму, но можам да им кажам благодарам што го разбудија ѕверот во мене, ме разгневија неправдите врз тие мачни души, врз тие жални судбини и слики кои не те оставаат рамнодушен, кои не ти даваат мир, од кои не можеш да спиеш повеќе од 2 часа и постојана мисла како да им помогнеш како ли да стасаш до сите нив. Проклето е, тешко и жално да гледаш како од „некој“ станал „никој“, без лична карта и без дом, без семејство само по гаќи, во само еден проклет миг тие изгубиле сè, а ние можевме да им помогнеме. Болеше кога никако не можеш да помогнеш, не можеш да им го вратиш семејството и домот, не можеш да ги избришеш своите слики од глава, не па нивните. Но нежност е и потоа ти станува обврска нивната искрена благодарност и насмевка дека некои девојки и момци од НИГДЕ никаде и во среде ноќ ги нашле како седат сами и безпомошни во мракот, прво се исплашени, за потоа да те молат да останеш со нив, те гушкаат и ти липаат по изгубенто - Не е сеедно. Но, сега кога веќе полека се средува хаосот и кога колку толку некои повторно заживуваат имаме и време за малку повеќе муабет, веќе сите се освесуваат и те препознаваат и те канат на кафенце или водичка. Ете тоа ти ја полни душата. Нападите, модринките, клетвите, стресовите и нервозите до излудување од малкуте бездушници се забораваат со само една искрена насмевка и прегратка - вели Арсова.
Пред поплавата таа ја имала изгубено вербата во човечноста , но се уверила дека има премногу човечност во сите нас, премногу сила и дека премногу хуман народ живее во оваа држава, па и надвор од неа бидејќи помош стигала од секаде. Што се однесува до помошта и организираноста на државата и институциите Арсова вели:
- Не би сакала да навредам никого, но ако едни обични девојки и момци без никакви конкретни информации, без опрема, без сите тие машинерии, без поддршка од било каква организација, фирма, претпријатие, без воопшто познавање на теренот и сл, само со својата упорност, желба и истрајност, мислам дека навистина направивме многу ( се надевам дека не не преценувам), но нашето движење по тие улици веќе ни кажува сè.
Морам да нагласам дека таму беше општ хаос и паника, не се знаеше каде попрво да се стигне, немаше сè
уште информации, луѓето беа во тотален шок, беа изгубени. Ние решивме дека ќе влегуваме од куќа до куќа и до најнепристапните места бидејќи сфативме дека нема струја, има многу стари лица, во некои куќи имаше внатре кал и што уште не. Па како тие луѓе би излегле да земат храна и вода? Момците почнаа да чистат по уличките каде беа сè уште заглавени луѓето, а ние благодарение на нив стигавме малку полесно и до најзагрозените. Секако дека можеше, а и може да се направи повеќе. Проблемот е што луѓето и во најтешкото, гледаат да најдат нешто кое ќе го бојкотираат или ќе профитираат за жал - завршува Арсова.