X
 31.08.2016 Култура

Лошите навики на големите земји

Меѓународните политички заедници често ја критикуваат Путиновата Русија, заради некои нејзини методи. Русите се гордеат со својата демократија (демократија на руски начин), но до денес се доследни во примената на некои советски методи, меѓу кои најприсутна е пресметката со домашните политички неистомисленици, кои често се случува да исчезнат без трага и глас. Најзапаметен ќе остане случајот со труењето на Александар Литвиненко. Се чини дека меѓу московската бирократија постои цела машинерија која се занимава со дисидентите и противниците на Кремљ.

Но, Русија не е единствената што си задржала стари навики на однесување, од кои тешко се откажува. Од другата страна огледално се пресликани САД – “најдемократската од сите демократски држави”. Толку е демократска што мора да “извезува” демократија ширум светот, без разлика на последиците што произлегуваат од тоа. САД имаат проблем да сфатат дека на некои општества им е лошо да живеат во таква демократија, која најчесто ја пренесуваат по воздушен пат и тоа во земји не само што се на огромна оддалеченост од нив, туку и културолошки се светлосни години различни.

Израел е, исто така, кабает во уредувањето на светскиот поредок, благодарение на некои нејзини “навики” на однесување. Откако прогласија независност, започнаа со одмазничка политика кон Палестинците. На почеток тоа го претставуваа како пресметка со паравоени антидржавни елементи, за денес веќе да не водат сметка дека колатерална штета се обичните луѓе (впрочем, и единствени жртви во секоја војна за политичка доминација).

Германија, пак, од катастрофалната хиперинфлација во 1923 година, претерано внимава на стабилноста на валутата, до таа мера што се претворило во опсесија со фискалната одговорност. Таквиот став го одржуваат и денес, поради што во текот на економската криза во 2008 година, Германија воведе најригорозни мерки за штедење кои ја продлабочија рецесивната агонија и предизвикаа штети во многу европски земји.

Ако се запрашаме дали државите можат да се одродат од овие навики, треба само да си приспомнеме на случајот со Јапонија и Германија и нивните територијални претензии и архетипот на сенката што си го навлекоа за навек врз себе, а од кој денес нескриено се срамат. САД успеаја да го искоренат ропството, но не и расизмот што е жив и жилав сè уште. Сингапур кој беше познат како дувло на корупцијата, денес е синоним за чесност.

Сепак, лошите навики од овој тип кои најчесто не се повнатрешнети, може да предизвикаат целосни национални, па и интернационални катастрофи со ненадоместливи штети. Затоа, не треба да се премолчуваат.    


Светски политичари
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура