Минатата година, аналитичарите на
Блумберг кои го пишуваа „Водичот за песимисти за 2016 година“, покажаа дека за многу работи биле во право, на пример, за Брегзитот. А и таму каде што не беа во право, беа многу блиску до тоа. Ангела Меркел не падна од функцијата, но во еден момент канцеларското место на најмоќната жена во светот беше разнишано. Истакнувајќи дека ова не е прогноза туку збир од можности, истите луѓе сега го пишуваат „Песимистичкиот водич за 2017 година“ и еве што велат во него:
Трампландија
Популарноста на Трамп расте по преземањето на функцијата, а Конгресот, што е во рацете на републиканците, ги изгласува законите за фискални мерки со кои се намалуваат даноците и се зголемува јавната потрошувачка.
Откако новиот претседател ќе стави потпис на мерките што ќе го поништат наследеното од Обама, ќе започнат протести.
Ќе се создаде движење во кое ќе партиципираат студентите од универзитетите, членовите на движењето „Black Lives Matter“, поранешните членови на движењето „Occupy Wall Street“ и анархистите. Трамп се обидува да воведе вонредни и полициски мерки во најголемите градови.
Калифорнија станува средиште на отпорот кон Трамп, а некои тоа движење ќе го именуваат како „Калегзит“. Калифорнија ќе го отфрли укинувањето на законите за заштита на животната средина од страна на Трамп. Милијардерите Илон Маск и Шерил Сандберг подготвуваат сојуз против Трамп за 2020 година.
Овие случувања создаваат длабока поделба во владеачката коалиција на Трамп. Републиканците во Конгресот се делат во две групи и се судираат со членови на владата на Трамп.
Акциите на банките, металната индустрија и компаниите за обезбедување растат во првите месеци од ерата на Трамп. Набрзо, балонот на Трамп почнува да се издишува, расте државниот долг. Акциите на
Google,
Facebook и
Apple паѓаат, се заострува конфликтот меѓу Трамп и милијардерите од Калифорнија.
Јалта 2.0
Изолационизмот на Трамп и агресивноста на Владимир Путин ја присилуваат Ангела Меркел на одлука: да почне со наоружување на Европа или да се договори со Путин околу поделба на сфери на влијание во источна Европа.
Следствено на тоа, Путин ги отповикува своите хакери и залутаните авиони-ловци и се согласува да престане да се меша во прашања на САД и на ЕУ.
За возврат, Меркел и Трамп ги признаваат руските интереси во Украина, Белорусија и Сирија. За Путин, рускиот престиж повторно е востановен по 26 години од колапсот на СССР и тој повторно почнува да зборува за пензионирање после уште еден, за него последен, претседателски мандат.
Рубљата расте паралелно со враќањето на Русија на светскиот пазар. Акциите на компаниите кои развиваат оружје губат од својата вредност, како резултат на разочарувањето дека Европа се откажува од вооружување.
Кина и САД влегуваат во економска војна
Со својата порака на Твитер, #CroockedChina (расипаната Кина), во 3:17 часот по полноќ по инаугурацијата, Трамп најавува дека ќе ја прогласи Кина за виновна за манипулација со вредноста на својата валута и ќе им стави огромни царини за увезената стока.
Истото утро, додека се превезува до својата канцеларија во Белата куќа, Кина го девалвира јуанот, ја откажува нарачката на авионите Боинг и ја блокира продажбата на ајфоните.
Како што одминува годината, кинеските функционери се поделени околу прашањето како да се оживее економијата што е оптоварена со голем долг, а истовремено и под товар на конфликти во пресрет на реорганизацијата на ЦК на КП во месец ноември.
Кина паѓа во најдлабока рецесија во модерното време.
Акциите поврзани со американскиот пазар растат во очекување на царината. Во Азија доаѓа до валутна криза и рецесија.
Протекционизмот има главна улога во владата на Трамп, без оглед што републиканските колеги и нивните ментори од големиот бизнис, се спротивставуваат на поставувањето на бариери. Трамп не смее да се откаже затоа што нема што да им понуди на базата на гласачите во градовите со уништена индустрија.
Ким го надминува Трамп
Трамп ги поминува своите први месеци во канцеларијата, преиспитувајќи ги сите обврски на САД во светот. Прво го суспендира членството во НАТО, а потоа и во ОН. Традиционалните непријатели на САД се зацврстуваат.
ИСИС го користи отсуството на САД низ светот, ја презема трговијата со наркотици од Авганистан и ја радикализира средна Азија.
Загрижени затоа што се надвор од американскиот нуклеарен штит, Саудиска Арабија и Јапонија почнуваат да развиваат сопствена нуклеарна програма.
Светот е во шок кога Северна Кореја докажува дека е способна да стави минијатурна нуклеарна глава на проектил со дострел до западниот брег на САД.
Цела азијска стратегија на Доналд Трамп паѓа во вода, принуден е да се извинува на Кинезите и да моли за помош во смирувањето на нивниот одметнат сосед.
Акциите на компаниите кои произведуваат оружје и акциите од источна Азија, паѓаат заради сеопштото бегство на капиталот во посигурни инвестиции, како државни записи и злато.
Русија и Кина носат заклучок дека со изборот на Трамп можат послободно и поагресивно да ги застапуваат своите регионални интереси. Навиката на Трамп да ги заострува конфликтите и да ги сведува на лично ниво, притоа не разбирајќи ги интересите на САД од постоечкиот светски поредок, доведува до глобална криза.
Летаат глави низ Европа
Инспирирани од победата на Трамп, гласачите низ Европа (прво во Холандија), носат на власт популистички водачи кои сакаат да ги зацврстат границите, да ги раскинат спогодбите за слободна трговија и да се откажат од еврото и од ЕУ.
Анти-имиграциската кандидатка, Марин ле Пен, станува претседателка на Франција и распишува референдум за отцепување на Франција од ЕУ.
Во Италија, комичарот Бепе Грило од движењето „Пет ѕвезди“, доаѓа на власт со победа на вонредните парламентарни избори и распишува референдум за враќање на лирата како државна валута.
Ангела Меркел ги губи изборите во Германија. Во Велика Британија, Тереза Меј е сменета од власт од страна на сопартиец со потврди ставови, заради проблемите во преговорите околу Брегзитот.
Во источна Европа, Чешка со својата десничарска влада се приближува кон Русија и одржува референдум за членство во НАТО пактот. За да не дојде до излегување на Франција од ЕУ, се укинува Шенгенскиот систем на границите.
Грција повторно влегува во криза, само што овој пат веќе не постои можност за помош од ЕУ.
Еврото е во слободен пад по губењето на политичката потпора што го одржуваше за време на должничката криза меѓу 2009 и 2012.
Европа и оваа година останува најголема закана за стабилноста. Сè зависи од тоа дали Марин ле Пен ќе успее да стане претседателка на Франција.
Пробеми со интернетот
Amazon, Apple и Google откриваат сеопшто разузнувачко прислушување преку програмите за пасивно слушање на паметните телефони и апаратите за домаќинство кои можат да регистрираат звук, а Wikileaks се свртува против Трамп со серија непријатни откритија.
Хакери под водство на непозната сила ќе направат паника со исклучување на главните инфраструктурни објекти, електрани или со напад врз медицинската опрема поврзана на интернет и автономни возила.
Иако ниту една влада нема да преземе одговорност, доказите ќе упатуваат на можна поврзаност на Кина или Русија, што најавува отворена сајбер-војна меѓу сите суперсили.
Акциите на технолошките компании паѓаат.
Куба повторно во СССР
Трамп го прекинува зближувањето меѓу Куба и САД кое го започна Обама, со што во потполност го оневозможува економското заздравување на таа држава. Парите се намалуваат, а Бразил и Венецуела, иако регионални сојузници, ја намалуваат помошта за Куба. Затоа Хавана се свртува кон други заинтересирани играчи, Кина и Русија.
Со оглед на историската поврзаност, претседателот Раул Кастро му дозволува на Русите повторно отворање на разузнувачки центар во Хавана.
Руската шпионска агенција на само 150 километри оддалченост од Мајами, е премногу дури и за Трамп, со што се нарушуваат сè подобрите односи меѓу него и Путин, и потсетува на кризата со проектилите на Куба во 1962.
Туризмот и бродоградителството се во пад, особно крузерите.
Пропаѓање на Мексико
Трамп ја напушта НАФТА спогодбата, ги зголемува царините на увоз од Мексико, и воведува висок данок на паричните дознаки од мексиканските работници во САД кон своите семејства, со цел да собере средства за озлогласениот ѕид на границата со Мексико.
Мексико паѓа во длабока рецесија, неговиот одличен инвестициски рејтинг се руши.
Масовните депортации од САД ги туркаат невработените имигранти во криумчарење на наркотици.
Како што расте нетрпеливоста кон „грингосите“ од Мексико, левичарскиот популист Андрес Мануел Лопез Обрадор води на анкетите пред претседателските избори во 2018, со програма што предвидува ревизија на сите договори за експлоатација на јаглеводород потпишани со приватни компании. Се подготвува национализација.
Пезосот е во слободно паѓање, што ја зајакнува инфлацијата и ја подигнува цената на задолжувањата. Обврзниците на мексиканските компании се продаваат за бесценетост, а граѓаните стравуваат од бран на репрограмирање на долговите.
Пад на „златното момче“ на Саудиска Арабија
Престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман, не успева да ја диверзифицира економијата на најголемиот светски производител на нафта.
Војната во Јемен се претвора во скапа верзија на сопствена виетнамска војна на Саудиска Арабија. Дотогашната великодушна државна поткрепа се заменува со нови даноци, кои тешко го рушат животниот стандард во кралството.
Осетливата рамнотежа на моќта во регионот доведува до јакнење на Иран, затоа што симпатизерите на Шиитите напредуваат во Ирак и во Сирија.
Пучот во саудиското кралско семејство носи на власт нов член на семејството, го руши престолонаследникот и ги спречува реформите.
Одлуката на Трамп дека Блискиот Исток не е веќе проблем на САД, доведува до можна војна меѓу Ирак и Саудиска Арабија.
Општ прекин на транспортот на нафта и гас во Хормушкиот теснец.
Нафтата нагло поскапува, инвеститорите бегаат, пропаѓаат плановите за приватизација на националната компанија
Saudi Aramco. Саудиска Арабија ги троши своите финансиски резерви, присилена е да ја девалвира валутата, исто како и останатите земји во регионот.