X
 02.09.2016 Економија

Од ноември се укинува директната авиолинија Скопје-Женева


 
Скопје ќе остане без директна авионска врска со Женева кон крајот на октомври. Швајцарската авиокомпанија „Свис“ одлучи на крајот од летната сезона на летање да ја укине линијата што ја воведе во мај 2015 година и која ги поврзуваше македонската метропола со атрактивниот град во Швајцарија.

Одлуката за укинување на линијата ја потврдија и од авиокомпанијата „Свис“, во изјава за специјализираниот портал за авијација „Екс-ју авиејшн“. Од компанијата објаснуваат дека донеле таква одлука поради тоа што се обидуваат да остварат профит од базата во Женева, а токму оваа линија се покажала како непрофитабилна.

Со укинувањето на летовите до Женева, патниците од Македонија кои сакаат да летаат до Швајцарија ќе имаат на располагање директни летови до Базел и Цирих, линии кои ги опслужува нискобуџетната авиокомпанија „Визер“. Истовремено, и компанијата-ќерка на „Свис“, “Еделвајс ер“, ќе продолжи да организира летови од македонската метропола до Цирих.

Последниот лет од Скопје кон Женева е закажан за 29 октомври. По тој период, Белград и Приштина ќе останат единствените два градови од поранешна Југославија од кои „Свис“ ќе одржува редовни летови кон Швајцарија во текот на целата година, откако компанијата најави дека ќе ги укине и летовите до Љубљана, Сараево и Загреб.

Од минатата година, „Свис“ леташе двапати неделно од Скопје кон Женева. На промоцијата на оваа линија, надлежните од авиокомпанијата и од скопскиот аеродром изјавија дека таа првенствено ќе биде наменета за бројната македонска дијаспора во Швајцарија, за малубројната заедница на Швајцарци кои живеат во Македонија, но и за Македонците кои ќе патуваат во Швајцарија во посета на семејствата или пријателите, како и за бизнис.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија