Цензорите сè повеќе се фокусираат на книги што опфаќаат различни светогледи.
Откако се појавиле печатените книги, оттогаш цензорите полемизирале за нивната содржина и се обидувале да ја ограничат дистрибуцијата на оние што биле посубверзивни. Но, се чини дека јавниот немир што го предизвикуваат спорните книжевни дела што промовираат одредени идеи неприфатливи за широките маси, рапидно се зголемил во последниве дваесетина години.
Здружението на американски библиотеки (ALA) започнало да ги евидентира спорните книги и причините за нивната неприфатеност во раните деведесетти години. Според Џејмс Лару, директор на Канцеларијата за интелектуална слобода при Здружението (ALA), забележани се следниве две причини зошто одредени книги се квалификуваат како неприфатливи: „Не им се допаѓа јазикот“ или „Имаат премногу експлицитни сцени“. Дури и денес некои книги се третираат на ист начин, каков што е примерот со
Педесет нијанси сиво. Но, од друга страна, Лару истакнува дека се случува промена во ставот поврзан со забраната на книгите што ги прокламираат различностите меѓу луѓето (раса, сексуална определба, пречки во развојот, верски и културни малцинства).
Листата од 10-те најспорни книги во 2015 година што ја направило Здружението, ги вклучува следниве наслови:
I am Jazz и
Beyond Magenta каде се тематизираат младите трансродови луѓе;
Fun home и
Two boys kissing кои зборуваат за хомосексуалноста;
Habibi и
Nasreen’s secret school, чии протагонисти се муслимани; и
The curious incident of the dog in the night-time од Mark Haddon, што е „осудена“ за атеизам. Наспроти оваа листа, онаа со 10-те книги од 2001 година содржи наслови забранети заради „вулгарен јазик“, непримерна содржина, промовирање дроги и недозволени супстанции, теми што ги има во книгите од типот на
The Chocolate war и
Go ask Alice.
Лару вели дека мотивите за неприфаќањето на ваквите книги треба да се побараат во демографските промени и сеењето страв од политички причини.
Интересно е што Библијата се најде на листата од 10-те спорни книги во 2015 година на која ѝ се забележува за повикот за линч на хомосексуалните луѓе, со назнака дека местото на такви книги не им е во народните библиотеки. На Светата книга ѝ се спротивставуваат луѓе кои гласно се прашуваат која е улогата на религијата во општсетвото.
Со текот на времето, некои книги ги изгубиле своите противници. Таков е случајот со серијалот
Harry Potter, што беше меѓу најспорните книги во периодот од 2000 до 2009 година. Оваа книга не била прифатена, бидејќи се сметала за сатанистичка и окултистичка.
Од Здружението велат дека евиденцијата на спорните книги ја правеле врз основа на податоците од школските библиотекари или библиотекарите во јавните и академски библиотеки, и од извештаите во локалните весници. Но, она што според Лару е симптоматично и загрижувачки е тоа што во последниве години се намалуваат извештаите во печатените медиуми. На прв поглед тоа би требало да биде позитивен индикатор, но се чини дека сè помал број луѓе реагираат на повлекувањето на одредени наслови, што значи дека цензурата успева да помине незабележана покрај радарот на јавноста. „Фактот што школските библиотекари сè почесто се отпуштаат од работа, говори дека сè помал е бројот на професионалци обучени да го користат јазикот на интелектуалната слобода“, вели Лару.
Сепак, една работа останува непроменета од појавата на цензурата до денес: забраната на книгата е најдобрата реклама за авторот, а најнеуспешен обид на цензорите да се спречи пристапот до книгата.
Најспорни книги во 2001:
1. Harry Potter од J.K. Rowling
Причини: против семејните вредности, окултустичка/сатанистичка, насилна;
2. Of Mice and Men од John Steinbeck
Причини: навредлив јазик, расизам, несоодветна за возрасната група, насилна;
3. The Chocolate War од Robert Cormier
Причини: навредлив јазик, сексуално експлицитна, несоодветна за возрасната група, насилна;
4. I Know Why the Caged Bird Sings од Maya Angelou
Причини: навредлив јазик, сексуално експлицитна;
5. Summer of My German Soldier од Bette Greene
Причини: навредлив јазик, расизам, сексуално експлицитна;
6. The Catcher in the Rye од J.D. Salinger
Причини: навредлив јазик, несоодветна за возрасната група;
7. Alice (series) од Phyllis Reynolds Naylor
Причини: сексуално експлицитна, несоодветна за возрасната група;
8. Go Ask Alice од Anonymous
Причини: промовирање недозволени супстанции, навредлив јазик, сексуално експлицитна;
9. Fallen Angels од Walter Dean Myers
Причина: навредлив јазик;
10. Blood and Chocolate од Annette Curtis Klause
Причини: сексуално експлицитна, несоодветна за возрасната група.
Најспорни книги во 2015:
1. Looking for Alaska од John Green
Причини: навредлив јазик, сексуално експлицитна, несоодветна за возрасната група;
2. Fifty Shades of Grey од E. L. James
Причини: сексуално експлицитна, несоодветна за возрасната група и друго („сиромашен израз“, „загриженост дека би поттикнала исто однесување меѓу тинејџерите“);
3. I Am Jazz од Jessica Herthel and Jazz Jennings
Причини: непрецизна, хомосексуални теми, сексуално воспитување, религиозни погледи, несоодветна за возрасната група;
4. Beyond Magenta: Transgender Teens Speak Out од Susan Kuklin
Причини: против семејните вредности, навредлив јазик, хомосексуални теми, сексуално воспитување, политички ставови, религиозни погледи, несоодветна за возрасната група и друго;
5. The Curious Incident of the Dog in the Night-Time од Mark Haddon
Причини: навредлив јазик, религиозни погледи, несоодветна за возрасната група и друго („вулгарна и атеистичка“);
6. The Holy Bible
Причини: религиозни погледи;
7. Fun Home од Alison Bechdel
Причини: насилна и друго („графички прикази“);
8. Habibi од Craig Thompson
Причини: голотија, сексуално експлицитна, несоодветна за возрасната група;
9. Nasreen’s Secret School: A True Story from Afghanistan од Jeanette Winter
Причини: религиозни погледи, несоодветна за возрасната група и насилна;
10. Two Boys Kissing од David Levithan
Причини: хомосексуални теми и друго („одобрува јавно искажување наклонетост“).