X
 10.10.2016 Здравје

Денес е светски ден на менталното здравје



Советувалиштето за студенти по медицина и оваа година, со овој текст дава свој скромен придонес во одбележувањето на светскиот ден на менталното здравје.

10. Октомври 2016 - Светски ден на менталното здравје


Психолошка прва помош

Светската федерација за ментално здравје (WFMH) со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО) од 1992 година го обележува 10-ти октомври како Светски ден на менталното здравје.

Оваа година кампањата носи наслов „Психолошка прва помош“ и е насочена кон важноста на основната практична психолошка поддршка која веднаш можат да ја пружат луѓето кои што професионално се во позиција да помагаат, без разлика дали се здравствени работници, наставници, пожарникари, социјални работници, полицајци или волонтери во услови на силни трауматични настани кои погодуваат голем број луѓе. А такви настани во последните години имаа во огромен број насекаде низ светот (војни, терористички напади,поплави, земјотреси, реки бегалци...)

Психолошката прва помош е човечка поддршка и практична помош на луѓе кои пред кратко време преживеале сериозен стрес. Таа подразбира ненаметлива практична грижа и поддршка за настраданите преку обезбедување услови во кои настраданите ќе се чувствуваат згрижено, безбедно, сигурно и смирено, слушање но не и притискање да говорат за трауматичниот настан, пружање утеха и сочувство и заштита на настраданите од дополнителна траума. Психолошката прва помош не е нешто што само професионалци можат да го направат, не е професионално советување, не е психијатриска интервенција (иако може да биде дел од добра клиничка грижа за пациентите), не е интервенција во која се бара од настраданите да ги анализираат настаните кои им се случиле и своите чувства во врска со нив. Неа може да ја пружи секој после кратка обука. Многу е важно да се знае што треба да се каже и и направи, а уште повеќе што не треба да се каже и да се направи.

Трауматски настан и криза

Според Светската федерација за ментално здравје трауматските настани можат да се дефинираат како настани при кои одредена личност или некој нејзин близок е под ризик да биде сериозно повреден или да умре. Вакви настани се сообраќајни несреќи, насилства и продолжено злоставување, елементарни непогоди (поплави, земјотреси, пожар) и тешки болести. Кризата е ситуација која личноста ја доживува како неподносливо тешка и и која ги надминува нејзините постоечки ресурси и механизми за справување. Ситуационата криза е резултат на неочекуван силен застрашувачки настан кој претставува закана за физичкиот и психичкиот интегритет на личноста.

Трауматските настани можат да погодат различни луѓе со различна силина. Секој човек реагира индивидуално. Понекогаш личната траума може да биде толку интензивна што е неопходна прва психолошка помош и покрај тоа што други луѓе не се погодени од настанот. Веднаш по трауматскиот настан настраданиот може да покажува знаци на акутна стресна реакција какови што се страв и силна вознемиреност, а друг пак да реагира со збунетост, емоционална тапост, отсутност или со негирање на целата ситуација и со несоодветно однесување. Сепак, заеднички симптоми на криза се драматични промени со спиењето, нагли промени во расположението, повлекување од секојдневните активности, намалена ефикасност во учењето или на работа, промени во тежината.

Многу луѓе се чувствуваат подобро и се опоравуваат постепено во наредните неколку дена. Но, ако овие чувства траат подолго време можат да доведат до појава на пост-трауматско стресно растројство (ПТСР), депресија или други форми на хронично психичко страдање.

Студент и криза

Поимите студент и криза одат рака под рака. Студентите се соочени со многу предизвици. Некои од нив можат да ги попримат особините на настани кои ги надминуваат механизмите за справување и да предизвикаат криза. На пример, првото паѓање на колоквиум после деноноќно учење до изнемоштеност за некој амбициозен бруцош е личен трауматски настан од прв ред. Разделувањето од родителите и потоа неснаоѓање на факултет е исто така причина за криза за некоја срамежлива девојка. Да не зборуваме за непредвидливите настани како што се откривање на тешки болести кај родителите, или пак ненадејна смрт на најдобар другар, на член на семејството ...

Како да се излезе од криза според препораките на WFMH:


1. Свртување кон другите луѓе за поддршка


Како во секоја друга криза кога се погодени многу луѓе, најприродно е тие да се обратат едни на други, да комуницираат, да си пружат поддршка. Да се сплотат за да си ги споделат тешките чувства и со заеднички сили да го решат заедничкиот проблем. Психолошка прва помош може да пружат многу луѓе.

Доколку личноста поминува низ личен трауматски настан добро е таа да не се осамува, туку да биде опкружена со луѓе. Тоа не мора да се членовите на семејството, туку пријатели, со кои и не мора воопшто да зборува за трауматскиот настан, ако не е подготвена за тоа. Доволно е да ја чувствува поддршката и сочувството.

2. Грижа за себе

Многу е важно да се одржува физичкото здравје со здрава храна после трауматскиот настан. После траума добро е личноста да се тргне некаде, каде што во поинаква атмосфера ќе го „свари“ трауматското искуство. Непосегнувањето по алкохол и психоактивни супстанции е многу важно во процесот на справување со криза. Тие со сигурност ќе ја влошат ситуацијата долгорочно.

3. Барање професионална помош

Доколку квалитетот на секојдневниот живот на личноста страда (проблеми со извршување на секојдневните домашни и професионални обврски, опстојување на чувствата на тага, вознемиреност, грижа, несоница, бес и други симптоми на психичко страдање ) и после шест недели од трауматскиот настан потребно е да се побара сручна помош со цел личноста да почне да се опоравува.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје