X
 09.03.2023 Здравје

Зошто мажите поретко бараат помош од психијатар?

Во последните децении многу повеќе се вложува во разбивањето на стигмата за психијатриските болести, а луѓето се мотивираат да разговараат со психијатар кога имаат проблем. Се испраќа порака дека тоа не е нешто од што луѓето треба да се срамат. Меѓутоа, мажите постојано каскаат зад жените во слободата да се јават на психијатар.

Српскиот доктор Милутин Костиќ, кој е специјалист по психијатрија во Институтот за ментално здравје во Белград, за „Еклиника“ вели дека концептот на менталното здравје и болести не е сосема јасен и добро дефиниран.

- Во последно време многу се зборува за менталното здравје, но кога ги слушаме пораките што се испраќаат, често како синоними се користат менталното здравје и менталната благосостојба. Тоа е многу опасно бидејќи постои потенцијал за патологизација на нормалните човечки чувства. И потоа е тешко да се најде баланс меѓу двата поима - вели тој.

Чувствата не мора нужно да бидат пријатни и понекогаш не сме во ментална благосостојба, но ментално сме здрави, додава Костиќ. Освен тоа, во јавноста многу се користи концептот на антистигма и свесност без критички осврт.

- Често токму мажите се цел на тие пораки затоа што некогаш се потврдоглави и понеповерливи од жените и поретко бараат помош - вели Костиќ.


Фото: Pixabay

Стигмата и менталитетот се најзаслужни што луѓето се воздржуваат да побараат помош од експерт за ментално здравје, особено кога станува збор за мажите.

- Патријархалната култура и мачизмот играат најголема улога. Не сакаат да бидат видени како слаби, немаат доверба, мажите почесто се склони на ризик. И тоа го покажуваат истражувања во сите земји. Секаде жените повеќе се грижат, повеќе се насочени кон превенција и слично од мажите - објаснува тој.

Кога станува збор за нарушувањата поврзани со менталното здравје, жените почесто се соочуваат со депресија од мажите, но истовремено жените почесто одат на психијатар додека мажите често ја третираат болката со алкохол, вели докторот. Меѓутоа, позицијата на мажот во модерното општество се менува и сега од мажите се очекуваат различни нешта, па затоа работите може да се сменат.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје