X
 26.10.2016 Политика

Голема е веројатноста пиратите да дојдат на власт во Исланд


Анкетите покажуваат дека на секој петти Исланѓанец, политичарите какви што ги знаеме, им се преку глава...


Партија на пиратите, Исланд
Партијата на пиратите што не постоеше пред четири години, на изборите во сабота би можела да го преземе Исланд. Ова не е шега, бидејќи партијата ужива голема доверба кај граѓаните, а последните анкети покажуваат дека пиратите би можеле да дојдат на власт.

Според овие анкети, тие имаат поддршка од 22,6 % од населението, повеќе од која било друга партија, па овој податок јасно покажува колку исландскиот народ е заситен од традиционалната политика.

Партијата е основана на 24 ноември 2012 година од страна на Биргита Јонсдотир, веб-дизајнерка и некогашна активистка поврзана со Викиликс. Инспирацијата доаѓа од постарата „шведска сестра“ формирана во февруари 2006 година од страна на Рикард Фалквинге, со намера да спроведе реформи за авторските права на интернет. Така пишува на страницата на партијата, каде во продолжение се истакнува дека пиратите денес дејствуваат во повеќе од 60 држави и дека во основата на нивниот политички ангажман се заштитата и подобрувањето на човековите права, вклучително и слободата на говор и правото на приватност.

„Основните начела на исландската Партија на пиратите се борба за директна демократија, транспарентност, граѓански права, право на самоопределување, јавен пристап до информации и одговорност во носењето одлуки“, стои меѓудругото во партиската програма, каде енергично се одбива идејата за припаѓање кон левицата или десницата.

Сосема спротивно, пиратите сами се опишуваат како радикално движење кое прави комбинација од најдобрите поенти на идеолошки спротивставените политички спектри. Тие веруваат дека на западната демократија очајно ѝ требаат итни реформи кои се предвидени во нивната платформа.

Ние не сме тука за да ја земеме власта, туку да ја дистрибуираме. Сакаме да го уредиме системот така што граѓаните да имаат многу поголемо влијание во демократските процеси“, наведуваат пиратите, кои сакаат Исланд  да го претворат во земја ослободена од дигитално шпионирање или како што сакаат да кажат - во „Швајцарија од битовите“.

За потсетување, Исланд туку што се опорави од економскиот неуспех што го доживеа во 2008 година, во април годинава повторно му се случи нова голема афера.

Тогаш премиерот Сигмундур Гунлаугсон поднесе оставка од функцијата, затоа што беше споменат во Панамските документи, во контекст на сокривање на парите во даночните оази.

Аналитичарите сметаат дека токму заради тоа пиратите „јаваат“на брановите на новиот популизам, односно на недовербата на граѓаните во традиционалната политика.



Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика