X
 14.11.2016 Живот

Како подобро да ги разберете сопствените емоции?

Хармонијата која треба да се стремите да ја постигнете на полето на емоциите е клучот за квалитетен живот.

Сé почесто во различни сфери на живењето, се среќава терминот емоционална интелигенција. Спротивно на она што многумина мислат, терминот не значи дека емоциите не треба да се манифестираат или дека треба воопшто да ги немате, туку дека знаете како да се спреавите со нив без да имаат негативно влијание на исходот од ситуацијата.

човек и емотикони


Да се именуваат и идентификуваат емоциите не е едноставно. Многу луѓе не можат да дефинираат што чувствуваат, а тоа е најверојатно резултат на недоволна посветеност за нивно разбирање. Не е исклучено да сте воспитани да верувате дека силните емоции треба да бидат потиснати,  дека не сте научиле како да ги опишувате или да ги занемарувате поради општествените и социјалните (често непишани) правила.

Лутината и стресот најчесто се поврзуваат со работното место, но неретко тие два термина се маска за многу други емоции. Ако се знае дека всушност станува збор за разочарување или анксиозност, пристапот на справување со емоцијата ќе се смени.

Луѓето обично не ги прифаќаат или идентификуваат своите емоции, почесто покажуваат физички симптоми на стрес, како главоболки. Цената што би можела да се плати за ваквиот нивен третман може да биде многу висока. Ако се користат вистинските термини, ќе се избегнат непријатни искуства и одолговлекување на решавање на проблемот, подобро ќе се разберите себе си и ќе го решите проблемот.

Проширете го емотивниот вокабулар

Ако почувствувате силна емоција, одвојте момент да сфатите што чувствувате. Не застанувајте на првиот збор, одберете уште два додека да ја идентификувате. Ќе бидете изненадени колку може еден општо-прифатен термин како „стрес“ да го маскира вашиот вистински проблем. Ова е важно да го примените и за „позитивните“ и за „негативните“ емоции. Добро е да можете да кажете дека сте „возбудени“ за новата работа, а не само „нервозни“ или да може да идентификувате кога имате „доверба“ во новиот колега, а не да кажете дека е „љубезен“.

Земете го предвид интензитетот на емоцијата

Секоја емоција има многу повеќе нијанси од основната. Ако нечие однесување кај Вас предизвикува лутина, не значи дека и другата личност била лута. Можеби само била вознемирена или нетрпелива. Лутината кај Вас е само одговор на нечие манифестирање на тие „други нијанси“. Во овој случај важно е да одредите на скала од 1 до 10 колку е застапена таа емоција кај Вас во конкретната ситуација. Колку длабоко ја чувствувате? Колку е силна и дали интензитетот дозволува да изберете друг збор за да ја опишете?

Напишете што чувствувате


Во една 40-годишна студија се работело на поврзување на пишувањето со емотивните процеси. Експериментите покажале дека луѓето што пишуваат за емотивните ситуации бележат значително подобрување во физичкото и менталното здравје. Имено, луѓето што пишувале повремено за чувствата почнале да разбираат што тие значат, со користење на фрази како „Разбирам“, „Причина за...“, „Научив дека...“ итн. Ова може да го практикувате и секој ден, секогаш кога чувствувате потреба или кога минувате низ одредени потешкотии:

ВЕЖБА   

• Ограничете го времето на 20 минути (со аларм).
• Користете или тетратка или компјутер за да пишувате за емотивните искуства од минатата недела, денот, годината...
• Не грижете се ако текстот не е многу добар за читање или ако имате грешки, одете онаму кај што Ве носи умот.
• Не мора да го чувате документот на крајот. На крај на вежбата тие мисли се надвор од вас, на страницата.

Штом ќе знаете подобро да ги објасните сопствените емоции, ќе можете подобро да ги идентификувате и туѓите. Така кога некој ќе манифестира одредена реакција, ќе знаете дека не е лут, туку само нестрплив, а Вие ќе се спречите себе си да изреагирате со негативна емоција.
Подготвил: М.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот