X
 16.04.2018 Култура

Десет филма на Милош Форман што мора да ги гледате

Сите филмови на Милош Форман се химна за слободата. И кога ја раскажуваше приказната за чешкиот трговски помошник и за американскиот порномајстор, за Моцарт и њујоршките хипици, тој всушност говореше за поединци кои се борат против составот, се спротивставуваат на авторитетите кои сакаат да ги скротат. Милош Форман со тоа постигна најмногу што може да постигне еден режисер - зад неговото дело да остане галерија од незаборавни ликови, толку опипливи, препознатливи и реални, што, иако фиктивни, стануваат дел од потсвеста. Еден од најголемите замина, но неговите духовни деца се вечни.

Ова се десет филма на Форман што треба да ги гледате.

10. Духовите на Гоја (2006)


Ова е последниот режисерски напор на Форман - интересен, но несовршен филм кој покажува како Форман се обидува да направи нешто ново истовремено држејќи се до својот вообичаен начин на работа.

Додека шпанската инквизиција згаснува низ Европа, познатиот уметник Франциско Гоја се наоѓа во друштво на влијателни мажи одговорни за некои од најбавните практики на инквизиторите, а главниот е Лоренцо, човек кој го брани Гоја од оние што му мислат лошо, но и самиот има непристојни ставови. Кога музата на Гоја, Инес, е уапсена и обвинета за кривоверство, Гоја го замолува Лоренцо да ја ослободат. Лоренцо се среќава со Инес, но неговата себичност и слабиот карактер резултираат со чин кој се покажува како лош за сите тројца.

9. Валмон (1989)

Адаптацијата на француската новела „Опасни врски“ преживеа споредби со адаптацијата од 1988 година, која помина подобро, како критички, така и комерцијално.

Валмон е заљубен во омажената мадам Де Турвел. На Валмон му приоѓа мадам Де Мертеј, неговата поранешна љубовница, за да ѝ помогне да ја саботира свадбата на нејзиниот љубовник. Тој одбива и прави зделка со Мертеј за неговата способност да ја заведе Турвел.

8. Коса (1979)

Клoд е дете од село кое пристигнува во Њујорк вечерта кога е распореден во Виетнам и се среќава со група хипици. Клoд се спријателува со групата и лидерот Џонрџ и заедно се впуштаат во низа авантури, нагласувајќи ги социјалните, политичките и расните тензии кои во тоа време владеат во земјата. Кога неговите нови пријатели ќе се обидат да му го олеснат животот на Клод, тоа води до трагични последици.

Иако војната во Виетнам е завршена кога се појавува филмот, Форман успева да ја употреби приказната на овие нескротливи млади лица за да се осврне на променливите политички и социјални гледишта во тоа време.

7. Народот против Лари Флинт (1996)

Првиот филм на Форман од 90-тите ги хронизира судењата и страдањата на идеалистички, но контроверзен лик. Овој пат тоа беше озлогласениот Лари Флинт, издавач на магазинот „Хастлер“, кој одлично е одглумен од страна на Вуди Харелсон. Флинт се бори со зависност, вера и, како што самиот вели: „вина за лош вкус“.

- Убиството е злосторство, но ако во весник објавите слика од убиен човек, кандидат сте за Пулицерова награда. Од друга страна, сексот е легален, но ако објавите фотографија од секс, ризикувате да завршите в затвор - вели Флинт во филмот додека ја води огорчената судска борба со конзервативните активисти.

6. Црн Петар (1964)

Петар е младо момче кое се бори со монотонијата на неговата работа со скратено работно време во супермаркет додека сака да излезе и да ужива во летото. Во текот на неколку дена искуствата на Петар со работата, љубовта и семејството се обединуваат додека тој се среќава и комуницира со повеќе ликови.

Филмот е снимен во речиси документарен стил и ги прикажува познатите тинејџерски борби.


5. Човек на месечината (1999)

Краткиот и контроверзен живот на легендата на комедијата - Енди Кофман беше тема на овој филм на Форман, во кој главна улога имаше Џим Кери.

Прикажувајќи го подемот и падот на Кофман, филмот го следи патот на Енди до неговата смрт, а во филмот може да се видат неговите врски со колегите комичари, неговите романтични врски и контроверзни јавни настапи. Од крај до крај Кофман е претставен како потценет гениј, чиј суров хумор не бил одобрен.

Форман зазема многу благонаклонет став при прикажувањето на Кофман, Филмот одбира кои делови од личниот живот на Кофман ќе ги прикаже, но Форман едноставно претпоставува дека Кофман бил човек кој само сакал добра шега.

4. Пожарникарски бал (1967)

Дејството се одвива во мал град каде што членовите на локалното волонтерско противпожарно друштво организираат забава која вклучува и лотарија и избор на убавици, а во текот на која има ситни инциденти кои со тек на време ќе имаат катастрофални последици.

Наместо професионални актери, Форман користи локални жители за снимање на овој филм, кој на Запад често се толкува како алегориска критика на тогашниот комунистички режим во Чехословачка.


3. Љубов на една русокоса (1965)

Филмот прикажува портрет на сонувачи од мали градови и како нивните идеализирани гледишта на реалниот свет може да бидат урнати од нечувствителната рака на животот.

Андула е млада жена во мал индустриски град, наклонета кон свирење гитара и желба за подобар живот. Откако ќе мине една ноќ со Милда, музичар од Прага, таа решава да преземе иницијатива и да оди во големиот град за повторно да се сретне со музичарот и да започне нов живот. Но, очекувањата не се совпаѓаат со искуството.


2. Амадеус (1984)

Вториот „Оскар“ што го доби Форман беше за неговата адаптација на друга театарска продукција - Амадеус на Питер Шафер. Филмот ја прикажува борбата меѓу Волфганг Амадеус Моцар и Антонио Саилери. Разделувајќи ја приказната меѓу двата карактера, Форман го нагласува контрастот меѓу начините на кои двајцата композитори се труделе да останат запаметени.

Моцарт е гениј кој е уназаден поради неговата ароганција, алкохолизмот и фактот дека неговата музика е пред неговото време. Салиери е претставен како скромен артист сакан од публиката, но во себе тој крие љубомора и не прифаќа никаков успех затоа што чувствува дека е блед во споредба со делата на неговиот ривал.

1. Лет над кукавичјето гнездо (1975)

Ова е мешавина од црн хумор и драма, но и моќна приказна во која Џек Николсон има одличен перформанс.

Кога осудениот Рендел Мекмарфи - Мек е префрлен во психијатриска установа, неговата бунтовна личност веднаш се судира со авторитарните практики на персоналот, олицетворени од строгата шефица на одделот: медицинската сестра Ратчед. Како што Мек почнува да сее семе на дисхармонија кај пациентите, полека почнува да ги отстранува методите кои сестрата ги користи за да ги задржи пациентите дисциплинирани.

Како што тие се судираат, Мек ги охрабрува другите пациенти да се стремат кон слободата што одамна ја заборавиле. Напорите на Мек не се без последици и, на крајот, цената на овој бунт е висока за сите.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура