Откако почна пандемијата, 64-годишниот Питер Јакобсен отишол во блиската продавница само пет пати. Секојпат се обидувал да заврши побрзо за да не се изложува на ризик од вирусот.
- Знам точно по што одам. Не купувам на друго место, само го земам тоа што ми треба, го ставам во торбата и си одам дома - вели тој.
Но, во средината на март, додека одел на пазар, наишол на една постара пријателка која сакала да разговара со него. Таа му кажала дека неодамна ја примила втората доза од вакцината и дека ова ѝ е прва посета во продавница по една година, што е уште еден знак дека животот постепено се враќа во нормала.
Но, додека разговарале, Jaкобсен станувал сè повознемирен. Бил среќен што ја сретнал пријателката, но истовремено размислувал кога тој ќе доживее слично искуство на олеснување. Цело време сакал да се врати дома што е можно побрзо.
- Сфатив дека сè уште размислувам пандемски, а таа беше опуштена. Тогаш сфатив дека чувствувам завист и љубомора затоа што таа беше вакцинирана - вели тој.
Пандемијата ни овозможи да научиме многу за себеси
Пандемијата ни овозможи да научиме многу за себеси - како се справуваме со стравот од непознатото, како се справуваме со изолацијата и како реагираме на длабоките нееднаквости што ги разоткри коронавирусот.
И додека сè повеќе луѓе низ Британија објавуваат преку социјалните мрежи или на друг начин дека се вакцинирале, сите оние што сè уште чекаат да дојдат ред се соочуваат со чувство на завист.
- Сакам да кажам дека зависта е универзална емоција од која се чини дека сите страдаат - вели авторот Џош Гресел.
Гресел вели дека тоа е единствената емоција од чие постоење се срамиме и не сакаме да ја признаеме. Тој додава дека некои сепак признаваат дека се завидливи.
- Чувството на завист кон луѓето што се вакцинирале е толку често и големо, што се прашуваме дали сме добри личности - вели Дејвид Вагонер од Вирџинија.
24-годишната Беи Денг, без никакви здравствени проблеми, вели дека веројатно накратко ќе ги исклучи објавите на пријателите што се фалат со фотографии дека се вакцинирале за да го намали чувството на вознемиреност, додека не се вакцинира и самата.
И Кет Самбор признава дека нејзините средби со пријателите и познајниците кои се вакцинирале се емоционално збунувачки.
Фото: Freepik
- Среќна сум за личноста која ми кажува дека се вакцинирала и сакам сите да се вакцинираат, но истовремено сакам моите најблиски да бидат безбедни. Знам дека со секоја нова вакцинирана личност сме поблиску до крајот на пандемијата, но кај мене се јавува и чувство на завист - вели таа.
Зависта е дел од човечката природа и има важна еволутивна цел
Зависта отсекогаш постоела. Таа е дел од човечката природа и секој јазик во светот има збор за завист. Истражувањата покажуваат дека и некои примати, како што се мајмуните капучини, чувствуваат завист.
- Зависта е желба за нешто што некој друг го поседува и всушност е непријатна емоција - објаснува Кристин Харис, професор по психологија на Универзитетот во Сан Диего, која ги проучува негативните емоции.
- Ако не чувствуваме завист, нашата еволутивна лоза ќе овене - вели Ричард Смит, експерт за завист и пензиониран професор по психологија, кој предаваше на Универзитетот во Кентаки. Тој додава дека повеќето луѓе се срамат од тоа чувство на завист.
Харис објаснува дека нашето чувство на завист кон некого не нѐ прави лоша личност. Тој додава дека тоа е природно чувство бидејќи поради нечие достигнување, можеме истовремено да бидеме и среќни и да му завидуваме.
Смит објаснува дека нивото на завист што го чувствуваме кон некого често зависи од степенот до кој сметаме дека одредена личност е одговорна за она што го добила.
Кој ја „заслужува“ вакцината?
- Ако мислите дека некој не заслужил нешто, има совршена смисла да се лутите кога ќе постигне нешто или ќе добие нешто - вели Смит.
Чувствуваме задоволство и радост кога вакцината почнаа да ја примаат здравствените работници, а истото го чувствувавме и кога се вакцинираа постарите лица. Но, кога помладите способни луѓе почнаа да објавуваат фотографии од тоа како се вакцинирале, појавата на зависта е неизбежна.
Извор:
Index.hr
Фото: Freepik