Во 2019 година „Игра на троновите“ заврши со финале кое се смета за едно од најомразените во историјата на телевизијата. Многумина, вклучително и оние кои се поврзани со продукцијата на серијата стојат на ставот дека скратената последна сезона беше прилично избрзана.
Актерот Кит Харингтон и претходно искрено зборуваше за неговото време во серијата, откривајќи дека на почетокот бил разочаран поради пресврт на заплетот што го вклучуваше неговиот лик Џон Сноу.
- Мојот процес од завршувањето на таа серија е да научам да се гордеам со она што го направивме. Фактот дека некои луѓе беа вознемирени од крајот само покажува колку серијата влијаеше врз луѓето и тоа е прекрасна работа. Сè уште ми треба време за да го прифатам тоа, но горд сум на серијата - изјави Харингтон две години по емитувањето на финалето.
Но, сега актерот е поискрен за своите размислувања. Во ново интервју Харингтон вели дека понискиот квалитет на последната сезона се должи на исцрпеноста на сите што стоеја зад серијата.
- Мислам дека ако постоеше некаква вина поврзана со крајот, требаше да се припише на фактот што бевме уморни и повеќе не можевме да продолжиме. Разбирам дека некои луѓе сметаа дека е избрзано и можам да се согласам со нив. Но, не сум сигурен дека постоеше алтернатива - изјави тој.
Харингтон вели дека кога гледа слики од себеси во последната сезона, може да забележи дека бил навистина истрошен.
- Едноставно, не би можел да издржам уште една сезона - вели тој, а во однос на финалето изјави дека имаше грешки, можеби некаде на крајот.
Во интервјуто тој објасни и зошто повеќе не се работи на спин-оф серија фокусирана на неговиот лик.
- Она што можам да го кажам е дека Ејч-би-о дојде кај мене и ми рече: „Дали би размислил за вакво нешто?“. Мојата прва реакција беше не. Но, почнав да размислувам дека серијата би имала интересна и важна приказна за војникот по војната. Чувствував дека можеби ќе остане нешто да се каже и да се раскаже приказна на прилично ограничен начин. Поминавме неколку години напред-назад развивајќи ја серијата. И едноставно, не беше доволно возбудлива - вели тој.
Извор:
Independent.co.uk
Фото: Screenshot/YouTube