X
 16.09.2021 Живот

Авганистанките споделуваат фотографии од нивните шарени традиционални фустани во знак на протест

Враќањето на талибанците на власт го запали распространетиот страв дека Авганистанките ќе бидат принудени да ги напуштат професионалните и образовните простори што ги зазедоа пред американското повлекување.

Последната загрижувачка наредба од талибанското раководство беше студентките да се одделат од мажите и да го почитуваат хиџабот според шеријатскиот закон (според талибанската интерпретација на законот). Како одговор на овој мандат, Авганистанките низ светот преку „Твитер“ споделија слики од нивната традиционална, шарена облека во знак на протест против талибанците кои им кажуваат на жените што да носат.

Авганистан е земја со богата и разновидна низа од локални традиции. Традиционалниот фустан може да варира од регион до регион, но на фустаните чести се светлите бои и геометриските дизајни.

- Овие бои беа мирисот на дом за мене - изјави Фархондех Акбари, кандидат за докторски студии на Австралискиот национален универзитет.

- Нашите девојки ги шиеја своите шарени соништа во темните денови - рече Фархондех.

Кога талибанците ја презедоа власта, се зголеми загриженоста за тоа што ќе треба да носат жените. Кога последно владееја талибанците, жените требаше да се покријат со бурка. Неодамнешната слика на жени целосно покриени со црни бурки кои се собираат за поддршка на талибанците предизвика различни реакции на интернет. Меѓу реакциите беше и објавата на д-р Бахар Jалали - поранешна професорка по историја на Американскиот универзитет во Авганистан - фотографија од нејзините тинејџерски денови облечена во традиционален фустан.

- Сакав да го известам светот дека облеката што ја гледавте во медиумите не е нашата култура, тоа не е нашиот идентитет - напиша таа.

И други Авганистанки го следеа примерот, споделувајќи широк спектар на шарени и украсени облеки на „Твитер“ со хаштази како што се #AfghanistanCulture, #AfghanWomen и #DoNotTouchMyClothes. Објавите ги истакнаа боите и традициите зад секоја облека - и експлицитно и имплицитно доведувајќи го во прашање новиот ред на талибанците, кој во моментов налага само хиџаб за студентите. Д-р Џалали, исто така, нагласи во твитот: - Културата и идентитетот на Авганистан мора да произлегуваат од Авганистанците.

Авганистанките истакнаа колку се разновидни традициите на женска облека во земјата. Кахашан Куфи, која неодамна ја напушти својата работа по доаѓањето на талибанците, вели дека нејзиниот гнев не лежи во бурките што ги истакнуваат проталибанските жени на онлајн-фотографиите, туку мандатот што го додели екстремистичкото раководство, кое ги лиши жените од нивниот избор. Се разбира, многу жени од Авганистан веќе долго време избираат да носат бурка или да ја покриваат косата со хиџаб. Шекиба Тејмори, пејачка и активистка која неодамна избега од Кабул, вели: - Хиџабот постоеше и пред падот на Кабул. Можевме да видиме жени со хиџаби, но тоа се базираше на семејни одлуки, а не на владата.

Извор: Mymodernmet.com
Фото:Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот