X
 16.11.2020 Здравје

Стравот од непознатото им стана најголем непријател на луѓето, вели психологот Христина Стефановска

Бурата наречена Ковид-19 не стивнува, а уште полошо е што човекот кој е засегнат од сево ова не може да го предвиди нејзиниот крај. Стравот од непознатото им стана најголем непријател на луѓето, ги стави во психолошка стагнација или во крајна мера - психолошка деструкција. Поминавме низ многу психолошки фази, а дел од луѓето сè уште се задржани во некои од нив. Бевме херои и велевме: „Ова мене не може да ми се случи, им се случува на слабите и болните“. Бевме во карантинска комфорна фаза на мир и спокој и на сите одлично им дојде малку одмор од работните или училишните обврски за потоа да се случи фаза во која депресијата и лутината заземаат значајно место. Депресија како резултат на немоќта да му се спротивставиме на стравот од непознатото и лутина како излив на фрустрираност и револт. Ова е нешто што сè уште трае и алармира дека се потребни вештини за тоа како да се приспособиме на новата ситуација и да усвоиме нови механизми за справување и амортизирање на стресот.

Да станеме целосно смирени кон ова светско збиднување, не можеме, но можеме да бидеме релативно смирени и опуштени во однос на она што ни се случува. Најважно од сè е да водиме грижа за нашите мисли и емоции. Што мислам во моментов, што чувствувам во моментов, што можам да направам во врска со ова - се трите основни волшебни прашања кои треба да си ги поставуваме секојдневно. Водење когнитивен или психолошки дневник, креативно боење, слушање смирувачка музика или водена медитација, прошетки во природа, спортска активност, возење велосипед, вежби со дишење, читање книга. Сето тоа им помага на умот и телото да се ослободат од постојниот мускулен грч кој се создава како реакција на стрес, а стресот е насекаде. Го чувствуваме и по неколку пати на ден. Стресот најлесно доаѓа до човекот преку секојдневните вести, информации, слики што тој ќе ги види или прочита. Со секоја проследена катастрофична вест или слика телото на човекот го лачи хормонот кортизол, кој е одговор на стресот што телото и умот го препознаваат и преку вегетативниот нервен систем алармираат дека се случува некоја психосоматска реакција на грчење на мускулите, стегнатост, тешко дишење, срцебиење итн. Тоа значи дека доколку сакаме да останеме смирени, најважно од сè е да ги детектираме катастрофичните вести, од кои голем дел и лажни, да минуваме помалку време пред екран, да правиме селекција во изборот на информации што ги читаме или проследуваме во текот на денот. Кога телото е ослободено од негативни стеги, циркулацијата на крвта е побрза, носи повеќе кислород до мозокот, а со тоа му овозможуваме подобра благосостојба на умот.



Но, дали треба да водиме посебна грижа за менталното здравје и како да се носиме психолошки доколку сме заразени со Ковид-19? При вакви услови човекот е изолиран и тоа веднаш сигнализира дека е ограничен и немоќен. Тоа не е точно и затоа токму оттаму треба веднаш да тргнеме. Потребно е да ги декатастрофизираме мислите и ставовите. Доколку некој е позитивен и изолиран, не значи дека е ограничен во користењето ресурси или, пак, немоќен. Водење когнитивен или психолошки дневник, креативно боење, слушање смирувачка музика или водена медитација треба да бидат составен дел од дневните ритуали на личноста позитивна на вирусот. Секоја личност има своја креативна страна и во овој период потребно е да стапи во контакт со неа. Доказ за тоа е големиот руски писател Александар Сергеевич Пушкин, кој наоѓајќи се во карантин поради колерата пролетта 1827 година, ги напишал своите најголеми и најпопуларни дела. Особено е важно личноста да остане контактибилна и социјално поврзана со најблиските, секојдневно разговарајќи со нив, да ги селектира и избира вестите и информациите што ги проследува на медиумите и, секако, доколку се чувствува демотивирано или психолошки слабо, да контактира стручно лице-психолог со кое може да одржи ефикасна онлајн-сесија.
Грижата за менталното здравје сега е потребна повеќе од кога било. Добро ментално здравје одговара на добар имунолошки систем. И како што рекол Пушкин: „Сè ќе замине и сѐ ќе помине.“

 
(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје