Пошироко оценување за норвешкиот јазик и повеќе време за длабинско учење се меѓу планираните измени во образовниот систем на Норвешка.
Критичкото размислување, практичната работа, дигиталното расудување и укинување на системот за оценување на регионално ниво се елементи наведени во новиот наставен план, објави норвешката влада.
Планираните реформи, претставени од министерот за образование и интеграција Јан Торе Санер, ги потенцираат демократијата, граѓанството, одржливоста, јавното здравство и управувањето со животот.
Над 40 нови наставни програми за предмети од основно и понатамошно образование се вклучени во плановите што ќе се спроведат од следната есен.
- Многу луѓе го чекаа ова. Мора да ги подготвиме учениците за нивниот работен живот, но и за самиот живот - изјави Санер.
Предметите и должината на училишниот ден ќе останат исти, а целите за компетентност ќе бидат задржани во рамките на наставните програми.
Фото: Depositphotos
Петте основни области за учење: читање, пишување, математика и вербални и дигитални вештини, исто така, ќе бидат задржани и појасно дефинирани, изјавија од министерството за образование и истражување.
Новите наставни планови ќе им дадат на децата повеќе време за длабинско изучување на темите, така што ќе можат да ги разберат и да ги применуваат во други области.
Во согласност со целта да се овозможи подобро длабинско учење на предметите, бројот на специфичните цели и барања ќе треба да се намали за секундарните јазици. Ова особено ќе се однесува на изучување на нјунорск, еден од двата пишани стандарди на норвешкиот јазик.
Владата беше критикувана од Норвешкото друштво за
јазици, организација што го промовира овој јазик, затоа што го намалува статусот на јазикот.
- Владата го намалува статусот на предметот нјунорск - изјави претседателката на организацијата, Магн Асбрен.