X
 15.02.2017 Култура

Заеднo го чествуваат Празникот на пријателството


Географска карта во која се означени Полска и Унгарија

Во денешниот свет на конфликти и тензии, речиси е незамисливо да се поверува дека две соседни држави немаат никакви меѓусебни спорови, дури и прославуваат заеднички празник во име на нивното пријателство, почитта и наклоноста.

Во 2007 година, парламентите на Полска и Унгарија го прогласија за 23. март за „Ден на унгарско-полското пријателство“ и тоа со едногласни одлуки.

Новинар на Би-Би-Си, заинтригиран од овој акт, го замолил за толкување професорот Габор Лази, универзитетски историчар од Унгарија.

 „Пријателството меѓу овие две земји е исклучително. Како два даба кои растат одвоено, но нивните корени се споени“, вели тој.

Прецизните почетоци на ова пријателство не се утврдени, но Габор наведува дека заедничкиот монарх што го имале во Средниот век, најверојатно е многу значаен фактор за ова.

Во 14. век, унгарскиот крал Лајош Први го наследил полскиот трон од својот вујко, полскиот крал Казимир Трети, кој починал без наследник. Лајош ги водел двете земји засебно, а по неговата смрт, неговата ќерка Јадвига станала прва кралица на Полска.

Во 1576 година, друг Унгарец повторно застанал на полскиот трон, но овој пат по пат на избори, кога полскиот народ го избрал Стефан Батори за свој владетел.

Но, овие две земји не споделуваат само кралеви и кралици.

„Речиси сите чуле за ослободителниот херој Јожеф Бем, полскиот генерал кој храбро се борел со Унгарците во борбата за независност против Австриското царство“, наведува професорот.

Бем се борел и против Руската империја за време на востанието во Полска 1830 година, па така станал национален херој во двете држави, иако бил со полско потекло.

„Еден од најубавите моменти на нашиот однос беше прифаќањето на повеќе од 100.000 полски бегалци по распадот на нивната земја во 1939 година, иако во тоа време Унгарија била сојузник на Германија, сепак се покажала како безбедно прибежиште за полските бегалци“, наведува Лази.

По Втората светска војна, Полска не чекала долго време за да ја возврати услугата кон Унгарците. Во 1956 година, по крвавиот конфликт меѓу унгарските востаници и советските сили, полскиот народ испратил  во Унгарија значителна  помош во храна, муниција и лекови за повредените.

Овој акт оставил длабока трага во колективната меморија кај унгарскиот  народ, па парламентот, на шеестегодишнината од востанието, ја прогласил 2016 година за „Година на унгарско-полската солидарност“.

Лази истакнува дека овие одлуки не се политички хирови, туку ги изразуваат и волјата и духот на народот, пишува Би-Би-Си.

Затоа и двата парламенти едногласно го востановиле Денот на пријателството.

Овој ден се прославува во Ѓер и Познањ, градови во Унгарија и Полска.  Тогаш вообичаено се собираат политичари од двете земји, а свеченостите се пропратени со театарски, филмски и уметнички програми.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура