X
 01.03.2017 Култура

Упатство за разговор со вонземјани


Сцена од филмот Arrival

Интервју на лингвистката Џесика Кун за DW.

Филмот „Доаѓање“ (Arrival) го доби Оскарот за најдобар звук, кој е важна поента на филмот. Земјата е посетена од вонземска цивилизација, која сака да комуницира со луѓето. Проблемот е што не можат меѓусебно да се разберат.

Дванаесет необични вселенски бродови лебдат над Монтана и американската војска ѝ дава задача на лингвистката Луиз Бенкс (чиј лик го толкува актерката Ејми Адамс) – да најде начин да се  разбере со дојденците. Советничка на филмот беше Џесика Кун, која предава лингвистика на Универзитетот „Мекџил“ во Монтреал.

ДВ: Ликот на лингвистката личи дека е реално прикажан. Кои беа најголемите предизвици за Вас?

Џесика Кун: Дел од мојата работа на филмот беше читањето на различни верзии на сценариото за кои се сметав дека треба да се променат во некои делови. На некои места многу љубезно ми објаснија дека главната холивудска публика не се состои од теоретичари на лингвистистика, така што нема да можеме да направиме сè како што треба. Па така, ние, лингвистите, за првпат можеме да искусиме како најверојатно се чувствува физичар кога гледа научно-фантастични филмови. Сметам дека севкупно направивме добра работа и дека лингвистите ќе бидат задоволни затоа што нашето поле на истражување е претставено на големиот екран. Не е баш секојдневно професор по лингвистика да биде херој на холивудски филм. Многу работи се правилно претставени. Така се инсистираше на тоа комуникацијата со хептоподите (вонземјаните од филмот)да мора да започне со наједноставните работи, бидејќи не може веднаш да се комуницира за комплексни прашања.

ДВ: Како Вие стигнавте во филмот? Дали некој едноставно Ве повика?

Џесика Кун: Па, да. Тоа беше случајно. Се снимаше овде, во Монтреал, и прво му се јавија на мојот колега Морган Сондерегер. Тој се занимава со звучните системи и јазици па помогна во создавањето на вонземските звуци кои се слушаат на почетокот на филмот. Подоцна им требаше да се посоветуваат со некој лингвист, кој работел на помалку истражени јазици, кој бил на местата каде истите и натаму се зборуваат – затоа што таква биографија има и ликот кој го толкува Ејми Адамс – а токму тоа е мојата област. Така и Морган ги поврза со мене.

ДВ: Постои ли паралела со работата што ја работите со јазиците на Земјата?

Џесика Кун:
Важно лингвистичко откритие е дека човечките јазици имаат определени заеднички карактеристики. Тие звучат многу различно и граматичките правила се разликуваат на многу начини, но многу темелни принципи им се заеднички. Кога работам со човековите јазици, како лингвист ја имам таа предност  - кога ќе ми покажат неколку реченици од тој јазик, веднаш можам да дадам прилично добри проценки како функционира тој јазик. Кога се работи за хептоподите, ја нема таа стартна предност. Немаме поим колку вонземскиот јазик може да биде различен.

ДВ: Во случај утре во Монтреал да слетаат вонземјани, дали би направиле обид да стапите во конакт со нив како што е направено во филмот?

Џесика Кун: Лингвистот треба да ги поврзува звуците – доколку јазикот е говорен – или симболите со значењето. Ако покажете пример на книга, претпоставуам дека од вас ќе го чујам зборот „книга“. Треба да се почне од конкретни работи и потоа полека да ги надградуваме. Така работат лингвистите на терен во монојазични ситуации – значи таму каде не говориме на трет заеднички јазик со оние со кои комуницираме. Сметам дека така би работеле и лингвистите во случај да се појават вонземјани.

ДВ: Дали некогаш сте помислиле дека ќе работите на филм кој е во игра за Оскар?

Џесика Кун: Никогаш, тоа беше изненадување. Никогаш не сум размислувала за комуникација со вонземјани додека не добив меил од екипата од филмот. Но беше забавно и корисно за лингвистиката затоа што го направи тоа поле повидливо. Сметам дека како научно-фантастичен филм навистина добро ја користи фикцијата за да ја поттикне публиката да размисли за големи и важни прашања кои ги надминуваат и јазичните. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура