X
 07.03.2017 Живот

Мрачните тајни на лотаријата


Лото ливче

Погодете само шест броеви и ќе добиете милиони. Вака, само со една реченица, може да се опише суштината на игрите на среќа кои се нарекуваат – лотарија. Меѓутоа, како што напоменува порталот Grunge, поголеми се шансите да ве убие метеор отколку шансите да освоите милионски суми на лотарија.

Затоа, пред да го купите следното лото-ливче, добро е да знаете неколку факти, кои лотаријата не би сакала да ги дознаете, а се однесуваат на начинот на кој тие дејствуваат.

Лотаријата цели кон сиромашните луѓе

Американските сојузни држави имаат огромен проблем затоа што лотаријата заработува најмногу во најсиромашните околии. Како што откри Atlantic во 2014, лотаријата во Северна Каролина најмногу заработувала во регионите со највисока стапка на сиромаштија. „Од 20 окрузи каде стапката на сиромаштија е над 20%, дури во 18 од нив беа продадени по 200 лозови на еден жител“, пишуваше тогаш Atlantic.

Луѓето чепкаат по ѓубрето барајќи лото-ливчиња

Едвард С. Џон имал 83 години кога чепкајќи низ ѓубрето, нашол лоз со добивка од еден милион долари. Меѓутоа, се појавил сопственикот на изгубеното ливче, кој кажал дека по грешка го фрлил во ѓубре. На крајот, Џон прифатил спогодба во висина од 140.000 долари.

Државите повеќе заработуваат од лотарија отколку од даноците

Некои американски сојузни држави, попрецизно 11 од нив, повеќе заработуваат од продавањето на  лотариски лозови отколку од данокот на добивка наплатен од компаниите. Добивката на лотарија, исто така, подлежи на оданочување, а во Род Ајланд, секоја добивка над 6.000 долари се оданочува со стапка од 45%.

Понекогаш и трговците мамат

Кога ќе дојдете да го наплатите своето ливче, а продавачот ви вели дека немате никаква добивка, најверојатно ќе го прифатите тоа како факт. Ќе помислите дека некои броеви погрешно сте ги прочитале и ќе го оставите лозот кај продавачот или пак ќе го фрлите во најблиската корпа. Меѓутоа, понекогаш се случува ливчето да носи некаква добивка, а продавачот се обидува да ве измами. Калифорнија имала низа такви проблеми со измами, поради што праќале полицајци на тајни задачи, за да ги фатат на дело продавачите-измамници.

Некои дуќани зависат од лотаријата

Во Америка некои трговци би изгубиле  половина од дневниот промет кога би престанале да продаваат лото-ливчиња, затоа што и продажните места добиваат определен процент од добивката. Кога во јавноста ќе се дознае дека некаде било продаено добитно ливче, тој дуќан  дваесет процентно ја зголемува продажбата, заради верувањето дека тоа место носи среќа.

Продажбата на лото-ливчиња се зголемува со зголемувањто на невработеноста

За време на најтешката рецесија во Америка во 2008 година, дури 22 државни лотарии оствариле рекордни продажби. „Најверојатно луѓето сметаат дека со купувањто на лото-ливчиња ќе можат да се надеваат на некоја позначајна сума пари“, истакнува економистот Герик Блалок од универзитетот Cornell.
Освојувањето на главната добивка може да го уништи човекот

Истражувањата покажуваат дека освојувањето на лото-добивка не значи и дека автоматски долгорочно ќе дојде до подобрување на квалитетот на животот  на среќниот добитник. Според истражувањето на Forbes, дури една третина од среќните добитници банкротирале, а многу поголем дел страдаат од депресија или доживеале развод на бракот.

Били Боб Харел е најдобар пример за негативните последици од освојувањето на голема добивка. Тој освоил 31 милион долари, и прво што направил , заминал на одмор на Хаваите. На целото семејство им купил куќи и автомобили, и донирал големи суми во добротворни организации. Но набрзо, сè му тргнало наопаку, откако им поверувал на некои сомнителни типови. Жената го оставила, а тој изјавил: „Добивката на лотарија е најлошата работа што ми се случила во животот“. Набргу потоа тој извршил самоубиство.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот