Добивката од 44. коло Лото 7, вредна близу 200.000 евра, замина на вистинско место.
Со задоволство соопштуваме дека се запознавме со најновиот добитник на премија од играта на среќа Лото 7 - Зоран Митаноски од Кичево, кој со учество во играта на среќа Лото 7 застана под среќна ѕвезда. Добитникот на втората 7-ка на Лото 7 и 23-тата од почеток на приредување на лото-игрите од страна на Државната лотарија вчера ги посети нашите просториите и возбудено ни ја раскажа својата среќна приказна.
Зоран со своето семејство живее во Кичево, а потекнува од кичевското село Кнежино. Работи веќе 33 години во ЈП „Македонски шуми“. Живее во четиричлено семејство со сопругата и двата сина, еден од 20 и еден од 30 години, сите освен него невработени. Семејството го издржувал со неговата мала плата. Живеат во стан од 50 м2 во најстарата зграда во Кичево, и една од најстарите во нашата земја, градена во 1952 година. Зоран е роден на денот и во часот на катастрофалниот земјотрес, кој на 26 јули 1963 го погоди Скопје. По природа е оптимист, човек кој ги сака луѓето и природата, верува во добрина и вели дека на луѓето им требаат што повеќе насмевки.
Зоран Митаноски игра лото веќе 40 години, сонувал да добие поголема добивка на лото, иако им се радувал и на добивките од 20 денари за Џокер број со еден погодок. Добитната комбинација ја уплатил на 21 септември на ден Богородица, на продажно место ТП Аива 5 во Кичево, во близина на општинската зграда на Општина Кичево. Раскажува дека пет минути пред да замине на работа во втора смена го уплатил ливчето со последните пари во џебот. Вечерта бил на смена на работа и со колегата го гледале извлекувањето, но не го проверил ливчето, туку ги запишал извлечените боеви на дрвена штичка која му се нашла при рака. Додека ги пишувал броевите, се надевал дека можеби добил 4-ка. Ливчето го проверил утредента. А потоа, со воз се упатил за Скопје, без да им ја каже на домашните вистинската причина за неговото патување. При посета на дирекцијата на Државната лотарија се потврди неговата добивка со донесената потврда за уплата, а и ни го покажа и возниот билет, со последните два броја од серискиот број на билетот - 77.
По првата средба на која беше потврдена добивка од прва категорија со вредност од 11.966.712,00 денари, од 44. коло во кое беа извлечени броевите, 5, 6,19, 26, 27, 31 и 34, Зоран Митаноски замина во Кичево, за повторно да нè посети на 2 октомври, на денот на исплатата, кога ни се довери дека 10 дена ниту кажал некому ниту око склопил, но планира среќата да ја сподели истата вечер, на семејна роденденска прослава на правнуката на неговата сестра, каде што ќе бидат собрани сите.
Ова беше второ дружење со нашиот најнов добитник на 7-ка и благодарни сме му што во нашето работно секојдневие внесе ведрина со својата смисла за хумор. Посебно сме му благодарни што се согласи за објава на податоците, се согласи за снимање и фотографирање. Ние му ветивме дека првиот видеоматеријал со него ќе се емитува токму на вечерта на семејната прослава, а објавата ќе ја пуштиме наредниот ден откако радоста ќе ја сподели со најблиските. Како што рече, средствата од премијата ќе ги инвестира за да ги подобри условите за живеење на неговото семејство. Потреби и планови, вели, има многу и две седумки да му се паднат нема да се доволно да се надомести тоа што им недостига. Радосни што премијата е онаму каде што била многу потребна, му пожелуваме многу здравје и среќа на целото негово семејство.
Зоран Митаноски не се откажал од вербата во среќата и играл лото речиси 40 години. Обично ги играл среќните броеви на членовите од неговото семејство, но токму за 44. коло, во недостиг на време, решил да одигра квик пик. Овој пат се чини дека среќата го избрала него.
Зоран Митаноски веќе прима честитки од своите блиски и сограѓани. Тој го внесе Кичево на мапата на среќни добитници на лото-премија, покрај градовите Свети Николе, Неготино, Тетово, Струмица, Кавадарци, Куманово, Битола и Скопје. Се надеваме дека неговиот пример за транспарентност ќе го следат и сите наши идни добитници на поголеми парични премии, од кои најголема е премијата за 7-ка во играта на среќа Лото 7, која во моментов изнесува 7.000.000 денари.
Учеството во игрите на среќа е пред сè заради забава, но вербата во среќата може да ве донесе до добивки кои ќе ви го променат животот на подобро.
Кој игра, тој добива!