X
 10.03.2017 Култура

Ова е новата Мајка Тереза: калуѓерката која стана светска поп-ѕвезда


Будистичка калуѓерка

Ани Чојинг Дролма е 46-годишна тибетанска калуѓерка од Непал, која пред две децении стана светски позната поп-ѕвезда и жена која денес ја споредуваат со Мајка Тереза. До денес снимила 12 албуми, а околу неа се плетат разни приказни, за кои таа вели: „Главно се точни. Бев најреволуционерната личност во ова општество“.

Репортажата за неа, која ја објави CNN, сведочи дека таа воопшто не претерала во оценките за себе. Низ Катманду самата го вози сопствениот автомобил, постојано трубејќи низ хаотичната гужва во градот, несвесно во ритам на нејзината песна што се слуша од радиото.

Зборува за своето детство, за нејзиниот татко. „Го иритираа мали работи па после нè тепаше мене и мајка ми. Денес ми е јасно дека тоа го правеше заради неговата болест, но страдавме сите заедно“, вели таа. Кога имала 10 години, полна со гнев и стравови во себе, одлучила да стане будистичка калуѓерка.

„Мислев: ако се омажам, сопругот еден ден ќе ме третира на таков начин. Семејното насилство во нашето општество е голем проблем.“ По три години, се замонашила во локалниот будистички манастир. Ја исекла својата коса, ја отфрлила световната облека и своето име. „Кога за првпат ја избричив својата глава, се почувствував толку слободна, можев да го осетам ветрецот.“

Манастирот го доживеала како рај. „Околината прекрасна, сите беа мили, никогаш не добив ќотек... го добив назад моето детство“, опишува таа.

Имала само 22 години, кога во манастирот пристигнал американскиот музички продуцент Стив Тибетс,  за да учи медитација, а попатно замолил да сними неколку напеви со тибетанска музика. Откако Дролма отпеала неколку акорди, Тибетс останал без зборови. „Бев маѓепсан“, се присетува тој. Всушност, бил толку многу заведен што заборавил да го стисне копчето за снимање, па морал повторно да се врати во манастирот за да го сними нејзиното пеење.

Воодушевувањето на Тибетс продолжило и по враќањето во САД. Неколку мелодични будистички напеви ги вкомпонирал со гитара, а снимките ѝ ги пратил на младата калуѓерка во Непал, заедно со предлог да снимат заеднички албум.

„Не се двоумев ни за миг и тоа е вистинското чудо во мојот живот“, вели таа. Првиот албум добил наслов „Cho“. Вокалите се снимени во непалскиот манастир, а Тибетс за албумот го ангажирал и славниот Џо Бојд, кој претходно работел и за Пинк Флојд.

Албумот поминал сосема пристојно пред публиката, после што следела и турнеја низ 22 американски држави. Дролма признава дека нејзината средба со Америка, предизвикала културолошки шок кај неа, особено впечатокот што ѝ го оставиле Американките.

„Се изненадив колку се самостојни и самоуверени. Сите возат, сите се образовани... Тоа ме инспирираше“, забележува таа. Со заработката од турнејата, таа по враќањето во Непал, набавила компјутер, во манастирот инсталирала интернет, отворила своја сметка во банка. И сето тоа со цел да го оствари својот сон:  во 1998 година го основала NWF - Nuns´ Welfare Foundation, фонд за благосостојба на калуѓерките. По две години, со тие средства отворила школо во Катманду, во кое денес се школуваат 80 млади калуѓерки од сиромашните слоеви во Непал и Индија. Тие таму учат верска настава, англиски јазик, непалски јазик, природни науки, информатика, и многу други предмети кои ќе им помогнат во нивната идна кариера или при запишувањето на факултет.

Ани Дролма заедно со Тибетс следниот период, во просек објавувале по еден албум годишно, вкупно дванаесет, а сите заработени средства Дролма ги вложувала во реализирање на нејзиниот сон. „Таа со тие пари го направи точно она за кое зборуваше. Таа се проби низ разни бариери: верски, културни, патријахални...“, истакнува Тибетс.

Меѓу нејзините обожаватели се и Тина Тарнер, Трејси Чепмен и други, а нејзината автобиографија „Singing for freedom“ е преведена на 15 светски јазици. Во 2015 година фондацијата го отворила фондот Aarogy за помош на пациенти со бубрежни заболувања која на сиромашните во Непал им овозможува бесплатна дијализа.„Мојата мајка почина од болест на бубрезите. Не успеав да ја спасам“, објаснува Дролма. Во 2014 година таа станала првата непалска национална амбасадорка во УНИЦЕФ.

Во земјата каде 33.9 проценти од децата во селата и 9,1 процент во градовите мораат да работат, таа се бори за нивна заштита. Во 2011 таа се спротивставила на општеството кое ја отфрлило 21-годишната калуѓерка која преживеала групно силување. Дролма ѝ понудила засолниште, иако била под тешки критики од страна на конзервативците.

„Како калуѓерка се очекуваше да живеам со многу ограничувања и да бидам податлива за сè што ќе ми се каже. Тие сметаа дека калуѓерките не би смееле ниту да пеат. А јас сум личност која прави сè што ги шокира луѓето... Никогаш не се покајав што станав калуѓека. Можеби понекогаш ми недостасуваше комплицираниот брачен живот, а повторно, многу жени кои се во брак, се чини дека жалат што не можат да одат онаму каде што сакаат или да го кажат она што го мислат. Јас совршено уживам во својата слобода. Всушност, благодарна сум и за своето детство, дури и за својот татко. Сето тоа беше маскиран благослов“, смета денес среќната Ани Дролма.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура